Тиквешкиот регион утре ќе го слави заштитникот на лозарите, Свети Трифун!
Се е подготвено и годинава за чествувањето на празникот.
Се чека да осамне денот во кој рано наутро лозарите со ножици во рацете ќе влезат во лозјата и ќе ја закројат првата прачка. Ќе ја полеат со црвено вино, ќе ја прегледаат лозата и ќе предвидат каков и колкав ќе биде годинешниот род.
Од светецот ќе побараат годината да биде бериќетна и родот да го чува од временски непогоди и од штетници. Освен индивидуалните лозари организирано закројување на лозниците ќе има и на плантажите на винариите.
Винаријата Тиквеш овој чин ќе го направи на плантажите кај село Курија. „Точно во 11 часот ќе започне чинот на закројување во присуство на министерот за земјоделство Љупчо Димовски а потоа прославата ќе продолжи со заедничко дружење со присутните гости“,рекоа од винаријата.
Од Повардарие информираа дека ќе закројат на лозјата во близина на винарската визба а потоа ќе слават во манастирскиот комплекс „Свети Ѓорѓи“ крај Неготино.
Винаријата Аневски од Штип на празникот Свети Трифун ќе постави штанд со производи на градскиот плоштад во Кавадарци.
Закројувањето на лозовите плантажи близу Градско ќе го реализира винарската визба Стоби.
По свечената литургија од страна на свештени лица од Повардарската епархија во винаријата ќе биде отворена изложбата на сликарката Цветанка Јованова од Неготино.
На градските плоштади во Неготино, Кавадарци и Демир Капија ќе се случуваат манифестации посветени на лозарите организирани од општините./Б.Н.Т