Се славеше Свети Трифун во Неготино и Демир Капија!
На повеќе места, официјално, а во скоро секое лозје индивидуално се закројуваa лозниците денеска во Неготинско.
Празникот Свети Трифун се одбележа и на градскиот плоштад каде граѓаните традиционално излегоа а винарските визби ги почестија со ракија и вино.
Беше организирана и културно уметничка програма, настапија културно уметнички друштва и естрадни уметници.
Лозарите сепак не пропуштија да си ги кажат своите маки.Побараа грозјето да им се плаќа навреме со организиран откуп и по за нив прифатливи цени.
„Не сме многу расположени за славење оти не ни се исплатени субвенциите а и грозјето од винарските визби“
„Лозјата ги закроивме ама пари нема да ставиме нафта и да одиме да работиме. Затоа стоиме тука оти чекаме субвенции а и пари за предадено грозје од визба од Штип ги чекам од 2009 година“
На плантажите на винрската визба Тиквеш министерот за земјоделство ЉупчоДимовски рече дека е задоволен од тоа како се развиваат односите меѓу лозарите и винарите со посредство на министерството.
„Очекувам добра реколта ,а со тоа и квалитетно вино, а дополнително како министер се обврзувам субвенциите на лозарите да имаат приоритет при исплатата од страна на платежната агенција поточно министерството за финансии“,рече Димовски.
Од винаријата Тиквеш рекоа дека нивната намера е да произведуват квалитетни вина зашто тоа е единствениот услов за пласман на македонскиот производ на странските пазари.
„Се надеваме на успешна година.Имаме одличен двоцифрен раст на извозот минатата година како на традиционалните така и на новите пазари,“рече директорот на Тиквеш, Игор Илиевски.
Празникот Свети Трифун го одбележаа и лозарите во Демир Капија. Во градот денеска се одржа аукција на архивски вина.
Аукцијата беше организирана од општината а учествуваа амбасадори, претставници на министерства, бизнисмени и угостители.
Се продадоа 24 шишиња архивско вино од повеќе винарии. Градоначалникот Трајче Димитриев го купи најстарото вино „Тиквеш“ од 1982 година.
Петар Николов, директор на Специјалниот завод во Демир Капија, го купи шишето вино „Вранец“ на Бовин произведено во 1988 година.
На аукцијата беа собрани 80 илјади денари кои секоја година се донираат на Специјалниот завод во Демир Капија./Б.Н.Т