Земјоделците ги легализираат тракторите!
Во Неготино и Демир Капија, се легализирани вкупно 129 трактори. Со исполнување на законската обврска повеќе нема да се возат нерегистрирани низ улиците и патиштата што значи дека ќе бидат исправни и помала е опасноста за предизвикување на несреќи.
Легализацијата на овој вид земјоделски машини почна лани, во декември.
„Задоволни сме од спроведувањето на на новото законско решение бидејќи досега 129 сопственици ги имаат легализирано тракторите во Демир Капија и Неготино,“ рече раководителот на ПЕ на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Неготино,Златко Пенков.
Според Пенков, во постапката прво се утврдува сопственичкиот статус со предлог за легализација до надлежниот суд каде се поднесува соодветна документација.
Судот во рок од три дена го известува ресорното министерство за барањето, кое потоа е задолжено за три дена да и ги врати назад одобрените документи додека подрачна единица треба во рок од 24 часа да го издаде одобрението и да го објави на огласна табла. Таму стои огласено 30 дена.
-„Доколку во тие 30 дена не се јави некој кој написмено ќе докаже сопственост на тракторот, судот во рок од 15 дена донесува решение за легализација“, појасни Пенков.
Земјоделците како и граѓаните кои не се занимаваат со земјоделство а имаат трактор, согласно законот, можат да поднесат документи за легализација најдоцна до 10 април, годинава ./Б.Н.T