Нема повеќе чекање, овозможени онлајн општински услуги во Велес (фото)
Дваесет и пет општински услуги, од денеска, граѓаните на Велес можат да ги обезбедуваат и по електронски пат. Тоа значи дека повеќе не е потребно лично појавување во општинската зграда за да се завршат одредени барања, како на пример пријавување на проблем, потврда за точна адреса промена на улица и куќен број, барање за издавање извод од урбанистички план и друго. Оваа активност се реализира во рамки на проектот „Пост-КОВИД: Општините како двигатели на одржливиот развој“, кој го имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации во партнерство со Бирото за регионален развој.
Во изминатите години дигитализацијата стана многу по актуелна тема, особено по пандемијата со Ковид – 19. Затоа, граѓаните веќе имаат можност на општинската страна, да направат акаунт и со подесување на своја лозинка да се најават и да ги завршат своите барања. Истовремено имаат можност и да платат за услугата преку картичка или со внесување на скенирана уплатница.
Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, на денешната промоција на овој иновативен модел за меѓуопштинска соработка, рече дека станува збор за проект којшто се однесува на дигитализацијата, во кој партнери се и општините Градско, Росоман, Лозово и Демир Капија.
-Проектот е наречен „Поблиску до граѓаните – Зајакнување на општинските услуги преку нови технологии“ со што овие пет општини ќе добијат 30 дигитализирани услуги. Тоа што го зборувавме и пред изборите и од кога ја извршуваме позицијата градоначалник на овие пет општини е реалност. Голем дел од услигите коишто Општина Велес и другите општини ги даваат за граѓаните, сега се дигитализирани. Тоа значи дека нема да има повеќе чекање, туку од дома можат голем дел од овие услуги да бидат завршени. Дополнително транспарентноста и отчетноста ќе биде на поголемо ниво, а можноста за нивни манипулации ќе биде намалена на нула. Сите наши граѓани ќе имаат можност да ги следат процесите и до каде им се предметите, додаде Колев.
Амбасадорот на програмата за развој на УНДП, Армен Григорјан, рече дека рамномерниот регионален развој е суштинска вредност на мисијата на УНДП во државата, но не може да се создадат еднакви услови за живеење на граѓаните низ земјата без да се инвестира во меѓуопштинска соработка и дигитална трансформација.
-Оваа дигитална алатка е возбудлив чекор напред којшто ќе овозможи многу придобивки за општините и нивните граѓани, ќе го олесни пристапот до услугите, ќе ја зголеми ефикасноста и ќе резултира во заштеда на трошоците. Се гордееме што бевме во можност да ја изработиме оваа услуга во соработка со општините и убеден сум дека ќе направи голема разлика во заедниците коишто се во рамките на Вардарскиот регион., додаде Григорјан.
Директорот на Биро за регионален развој, Рамиз Реџепи, рече дека оваа услуга овозможува да се заштеди времето на граѓаните, бидејќи повеќе немаат потреба да одат до општините.
-Со овој проект правиме услугите да бидат поедноставни и лесно достапни за граѓаните. Чест ми е што со општините и УНДП го достигнавме ова ниво, додаде Реџепи.
Давањето на услуги во хартиена форма нема да биде укинато, поточно нема да му биде укината можноста граѓанинот тоа да го направи со физичко присуство доколку чувствува таква потреба.
Проектот „Поблиску до граѓаните – Зајакнување на општинските услуги преку нови технологии“ чини 2.550.000 денари од кои 416.000 денари се кофинансирани од страна на петте општини од Вардарски плански регион.
Стефани Манева