(Обновено) Двајца кавадарчани се здобиле со тешки повреди во сообраќајка, од велешка болница транспортирани се за Скопје
Осумнаесет годишниот Х.С од село Дреново, Кавадарци и девет години повозрасниот Б.Д од Кавадарци, вчера вечер, половина час пред полноќ биле донесени во ургентна единица при ЈЗУ Општа болница Велес со повреди здобиени по сообраќајна незгода кај Неготино.
-По укажана итна медицинска помош се упатени кон Оддел за радиодијагностика. На Х.С. му е направена компјутерска томографија на цело тело, на Б.Д компјутерска томографија на абдомен. Кај Х.С се констатирани повреда на глава,како и на граден кош и фрактура на прешленско тело, соопшти портпаролката на велешка болница Марина Андова.
По направените медицински третмани од страна на дежурната екипа и поради тежината на повредите двајцата кавадарчани се префрлени на Ургентен центар во Скопје.
Сообраќајката се случила, вчера вечер, околу 22:10 часот на магистралниот пат Штип – Неготино. Според Сектор за внатрешни работи Штип тогаш патничко возило „фолксваген голф“ со кавадаречки регистерски таблички, управувано од Б.Д (27) од Кавадарци излетало надвор од коловозот на патот.
„Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот Б.Д и неговиот сопатник Х.С (18) од Кавадарци во Општа болница Велес“, соопшти СВР Штип.
На местото на сообраќајката увид извршила Увидна екипа на Сектор за внатрешни работи Велес.
Дума.мк