Општина Велес: Пожарите се причина за загадениот воздух во градот
Изминатите денови голем број на граѓани на своите фејсбук профили објавуваат статуси, панорамски фотографии и видеа од градот на коишто се гледа бел чад како и фотографии на коишто се прикажани високи вредности на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките во воздухот и над 250 мг/м3.
Од Општина Велес денеска објавија соопштение во коешто напоменуваат дека актуелните пожари во велешко, поточно пожарите на планините Мукос и Бабуна во Општина Чашка се причината за загадениот воздух во градот. Оттаму објаснуваат дека мерните инструменти на Министерство за животна средина покажуваат дури и до четири пати повисоки вредности на ПМ 10 честички во воздухот од максимално дозволените 50мг/м3.
-Сите ресурси се вклучени во гаснење на пожарите и се прават надчовечки напори да се стават под контрола. Општина Велес ја следи состојбата и е во постојана координација со Центарот за управување со кризи и Територијалната противпожарна единица, пишува во соопштението на Општина Велес.
Оттаму апелираат до сите граѓани да се воздржат од неаргументирани коментари на социјалните мрежи и доколку можат да поминуваат повеќе време во затворени простории и да не излегуваат без потреба.
Стефани Манева