Отворен Младински центар во Велес (фото)
Младите велешани добија простор во којшто креативно или забавно ќе го поминуваат своето слободно време во Велес. Тие во дел од Градска библиотека „Гоце Делчев“ ќе ги споделуваат своите идеи за потребите коишто ги имаат како млади граѓани на својот град, ќе организираат разни настани, ќе можат да учествуваат на обуки и да спроведуваат иницијативи за поубав, почист,културен, спортски град. Младинскиот центар се отвори на 12 август – Меѓународен ден на младите.
Градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев на свеченото отворање даде безрезервна поддршка на идеите и иницијативите којшто ќе произлегуваат од ова место и ќе се однесуваат на младинскиот ангажман за поубава и почиста локална заедница како и за други потреби на младите сограѓани. Колев соопшти реализација на уште два проекти, значајни за животот на младите во Велес.
-Општина Велес има добиено два проекти коишто се финансирани од страна на Европската Унија. Во текот на вчерашниот ден објавивме една убава вест дека просториите на Народна кујна ќе бидат реконструирани и таму ќе биде отворен „Хаб за млади“ којшто ќе овозможува развивање на ИТ идеи и иницијативи на младите велешани. Втор е проектот којшто со Делегацијата на ЕУ и Евроамбасадорот ќе го објавиме во октомври, поточно за отворање на „Куќата на ЕУ“, од којашто младите исто така ќе имаат големи придобивки. Нека е со среќа, нека дава резултати и нека овој центар биде пример за тоа како треба да функционира град со млади луѓе од кои ќе се дабиваат добри идеи за одлично спроведени активности, додаде Колев.
Градоначалникот, исто така, соопшти дека во изминатите 10 месеци, анализирал и дошол до заклучоци зошто е потребно да бидат поддржувани младите велешани и констатираше дека сите активности коишто биле финансирани од општината и реализирани во културата и спортот во кои вклучени биле млади луѓе, дале најдобри резултати.
Во името на Владата на Република Северна Македонија, советникот за млади, Ѓорги Тасев го поздрави отворањето на вториот Центар на млади во државата и притоа ја најави поддршката на македонксата влада. Во исто време Тасев порача:
-Навистина ме радува, што по двегодишни подготовки, овој процес го виде своето светло на крајот од тунелот и мило ми е што Велес добива еден ваков простор. Велес низ годините и сега со млад градоначалник има можност да направи промена со која повторно ќе го врати пиететот на град којшто ќе биде центар на млади луѓе. Иако за тоа ќе има стремеж и од други општини, но примерот нека почне од овде. Од овде нека произлезат, добри проекти, квалитетни идеи коишто ќе го подобрат животот за младите, додаде Тасев.
Заменик директорот на Агенција за млади и спорт, Адмир Билаљи потенцираше дека со отворањето на овој Младински центар се унапредуваат вредностите и се поддржува младинската работа, волонтерството и младинскиот активизам во локалните заедници во државата.
-Ми претставува чест и задоволство што денес отвораме уште еден од многуте Младински центри ширум државата и овозможуваме дополнителни можности за младите во Велес. Честитки и до двете граѓански организаци, Фондација Фокус и Извиднички одред Димитар Влахов, коишто ќе управуваат со овој центар. Се надевам дека локалната самоуправа ќе обезбеди сериозна поддршка за непречено функционирање на центарот согласно стандартите за квалитет. Агенцијата за млади и спорт својата поддршка ја обезбедува преку мебел и дополнителна финансиска поддршка а не радува фактот дека ваквите политки на државата се препознаени од страна на младите па и локалната самоуправа, доаде Билаљи.
Генералниот секретар на Сојуз за младинска работа, Драган Атанасов ги мотивираше младите велешани во што поголем број да бидат дел од активностите на центарот и притоа да ги иницираат сопствените потреби.
-Јас би сакал да потсетам, согласно Законот за младинско учество на младински политики, што е Младински центар. Тоа се места кадешто се подготвуваат и спроведуваат програми коишто ја подобруваат благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјалниот и професионален живот на младите, се споделуваат важни информации за младите и други аспекти од животот на младите. Ќе ги повикам двете граѓански организации, коишто ќе работат со центарот, да развиваат програми во коишто сите млади во градот, не само волонтери, ќе учествуваат, ќе се дружат и ќе бидат поактивни. Општина Велес ќе ја повикам да продолжи да го поддржува центарот, доколку е тоа возможно и со повисока финансиска поддршка, за да биде позитивен пример и за другите општини. Но очекувам овој центар да биде лидер за другите општини како Чашка, Градскои Лозово во процесот на отворање на Младински центри во тамошните локални заедници, додаде Атанасов.
Со Младински центар Велес ќе раководи младинскиот работник Ивана Јордева која на свеченото отворање соопшти дека е избран токму датум којшто носи симболика. 12 Август е Меѓународниот ден на младите.
-Подготвивме и неколку активности што ќе се одржат подоцна во текот на денот. Фондацијата за локален развој и демократија Фокус и Извидничкиот одред Димитар Влахов се две од постарите и докажани граѓански организации на полето на волонтерството и младинскиот активизам. Тие и понатаму ќе се грижат и ќе помагаат ова прекрасно место да стане едно од најпосетуваните локации во градот за младите во Велес и пошироко во регионот, давајќи им притоа можност да ги соопштуваат своите потреби,да реализираат активности и да бидат главниот раздвижувач на младинскиот активизам и волонтерството како во родниот град така и пошироко, додаде Јордева.
Таа нагласи дека токму овој Центар ширум ги отвара вратите за сите млади кои сакаат своето слободно време да го користат за дружење,за волонтерство,за разубавување на својот град,за натпревар на идеи и за резултати со кои ќе стане препознатлив од страна на граѓаните,на бизнис заедницата,на институциите, на државата, на домашните и странските донатори.
Младинскиот центар Велес е отворен секој работен ден од 8 до 16 часот и ги очекува младите велешани преку предлози и идеи да креираат настани коишто ќе бидат привлечни за повеќе генерации.
Стефани Манева