Отворена канцеларија за е-услуги во Општина Свети Николе
Објавено: 29 август, 2025, во 11:46 часот
Во општинската зграда на Свети Николе отворена е нова канцеларија за е-услуги, со цел да им се овозможи на граѓаните полесен и побрз пристап до државните дигитални сервиси. Канцеларијата беше отворена од министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и градоначалникот на општината, Дејан Владев.
Министерот Андоновски информира дека канцеларијата е подготвена за кратко време и во неа ќе работат тројца вработени. Тој посочи дека сите услуги достапни на националниот портал за е-услуги ќе бидат достапни и овде, особено за оние граѓани кои немаат интернет, соодветна опрема или не знаат сами да ги користат дигиталните услуги.
Во моментов, актуелни се две услуги – дозволи за оружје и ИКТ ваучери за млади и студенти. Во канцеларијата може да се доставуваат барања, како и да се креира кориснички профил за користење на услугите.
Андоновски најави дека во втората фаза, овие центри ќе помогнат и во градење на дигитални вештини кај граѓаните. Тој истакна дека во 2025 година се планира отворање на уште десет вакви центри, од кои три се очекува да бидат пуштени во употреба до крајот на летото.
Градоначалникот Владев изјави дека со оваа канцеларија граѓаните повеќе нема да мора да губат време по институции, бидејќи ќе можат на едно место да ги добијат сите документи што се во рамките на е-услугите – како М1 и М2 обрасци, државјанство, листа за стаж и други документи од државните органи.
Канцеларијата за е-услуги во Свети Николе ќе работи секој работен ден од 7:30 до 15:30 часот.
Дума.мк


