Китев, Пемова и Минов со први пораки до кавадарчани
На стартот од кампањата за парламентарните избори закажани за 11 декември годинава кандидатите за пратеници од Кавадарци ги упатија првите пораки до граѓаните. Сите апелираа кампањата и изборите да бидат фер и демократски.
Кандидатот за пратеник од Кавадарци на СДСМ и коалицијата, Бетиан Китев рече дека во Македонија доаѓале промени. Нагласи дека имаат план за живот во Македонија.
„Нови работни места, повеќе пари во секој семеен буџет, контрола над власта и враќање на правдата за сите, шанси за младите за живот во Македонија се нашите цели кои заедно со вас ќе ги реализираме“ рече Китев кој се наоѓа на седмата позиција на листата на СДСМ и коалицијата во четвртата изборна единица.
Весна Пемова, кандидат за трет мандат во републичкото собрание од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ рече дека на граѓаните им нудат програма во која се содржани проекти за сите.
„Имаме проекти во образованието, здравството, проект за инфраструктурни уредувања, проекти за секој граѓанин“ рече Пемова.
Во Кавадарци ВМРО-ДПМНЕ со коалиционите партнери има уште еден кандидат. Тоа е поранешниот градоначалник, Панчо Минов, кој ја застапуваше граѓанската опција, сега е дел од партијата ГРОМ.
Тој во своето обраќање до гласачите рече дека и понатаму ќе се залагал за подобри услови за работа на лозарите. Ги повика сите против кандидати да водат позитивна кампања и изборите да поминат во фер и демократска атмосвера.
Првиот митинг во Кавадарци и Неготиное на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е закажан за во среда од 20, односно 17.30 часот.
А.Д