ЛП на средба со велешани: „Да се зголеми вработеноста во првите две години“
Овие избори се суштествени и мора да се излезе со јасна порака. Овој пат во Македонија, при гласањето, сметајте дека секој глас даден за пржинската четворка е глас за продолжување на ова што значи системска криза во Република Македонија, рече на почетокот на средбата со велешани, на плоштад „Сармаале“, претседателот на Либералната партија, Ивон Величковски. Тој на граѓаните им објасни зошто не водат кампања со носење на граѓани во автобуси од град во град низ државата и зошто сметаат дека тоа се бесцелно потрошени пари. Ги побара гласовите на граѓаните кои сметаат дека либералната платформа е таа што ним вистински им одговара.
– Нашата цел после овие средби не е да се формира повторно иста Влада од ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, тука е нашата црвена линија. Ќе застанеме во одбраната на либералните вредности, претприемаштвото и ќе го намалиме националниот буџет кој не смее за три до четири години да заврши со цифра од 3 до 4 милијарди туку со 2,9 милијарди. Наша цел е 500 милиони да завршат кај граѓаните и во бизнисот. ЛП има за цел бизнисмените да бидат на пиедесталот затоа што нивниот бизнис ги создава парите во државата. Нив не смее да ги притиска ниту една политичка банда, рече Величковски.
Тој додаде дека на овие избори не треба да се зборува за Рамковниот договор или Уставот туку како да се консолидираат институциите и државата. Величковски соопшти дека ЛП се залага за рамен данок и секогаш ќе бара да знае како се трошат јавните пари.
Велешанецот Данчо Марковски е носител на листата со пратеници на Либералната партија во Изборната единица број 3. Тој пред граѓаните на плоштад Сармаале ги соопшти своите предизборни ветувања приоритетно издвојувајќи го барањето на своите сограѓани за враќање од странство на нивните деца.
– Системот е направен само за бенефит на одредени структури а не народот. И тоа мора да се промени. Ние сме за промена на системот а не за замена. Мора прво да ја погледнеме вистината со очи. Да не се залажуваме, да бидеме реални и по правилата на стоицизмот, да бидеме праведни и умерени во постапките. Мораме да имаме внатрешна самодисциплина, самокритичност и поглед на реалните факти. Да не биде разочарувањето поголемо од очекувањето, рече Марковски.
Граѓаните ги запознаа и останатите двајца кандидати за пратеници од Велес на Либерална партија. Тоа се дипломираните правници Александар Јаковлевски и Андреја Радиновски кои на партиската листа се наоѓаат на редните броеви 5 и 9.
На гласачкото ливче кое граѓаните ќе го имаат во своите раце на 11 декември, на предвремените парламентарни избори, Либералната партија го има редниот број 8.
Убавка Јаневска