Заев од Велес: „ Ние веќе победивме, сега е ред на народот“
Доаѓа време на промени, граѓаните бараат слобода и демократија затоа режимот ќе падне, рече на митингот во Велес на коалицијата „За живот во Македонија“ лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
– Ниеќе победиме, режимот ќе падне. Ние веќе победивме, сега е ред на народот. Што јас сè слушнав, само Господ не слушнал. Уништувале луѓе, цели семејства, краделе пари, товареле бродови, однеле над 5,5 милијарди евра. На 5 мај никој не можеше да не спречи, се ќе згазевме, на клоци да ги шутираме од Парламентот. Ама после тоа ќе немаше крај. Со пенкалото и гласот на народот ќе ги победиме. Граѓаните се на страната на вистината. Бидете горди на тоа – рече Заев.
Тој ги повика граѓаните повеќе да не се плашат, ни од власта ниту од репресиите на власта. Побара наместо страв со гордо кренати глави да кажуваат за притисоците, да се изјаснуваат во анкетите и на 11 декември, зад параванот на гласачкото место сами да одлучат кому ќе му го дадат гласот.
– Зарем да се правиме слепи и глуви ако ние не ја спасиме Македонија? Живот на колена не е живот. Вие сте нечиј деца, брќа и сестри, вие сте чеда на Македонија. Гласајте за слободна мајка Македонија – рече Заев.
Пред присутните граѓани лидерот на СДСМ вети, доколку оваа коалиција ја освои власта, поголеми плати и пензии што ќе ги формира Совет на база на приходи што ќе ги задоволат потребите на потрошувачката кошничка. Тој најави 140 милиони евра помош за домашните компании од кои се очекува да отворат нови работни места и да ги зголемат платите на работниците. Реизбор во судството и обвинителството што ќе го направат стручни и доверливи домашни и странски експерти. Бесплатно болничко лекување и можност за купување на лек без партиципација како и комплетна реконструкција на образованието, во првите 100 дена, со укинување на екстерното тестирање.
Мора да прекине исселувањето на младите од Велес и од Македонија. Исселените ќе ги вратиме назад во државата бидејќи македонски умови треба да се двигатели на економските текови на државата. Нема живот без млади, рече носителот на листата со пратеници на СДСМ во ИЕ 3, Љупчо Николовски.
– Просечната плата ќе биде 30 илјади денари на крајот од првиот мандат на новата власт предводена од СДСМ. За да може секое просечно семејство со две плати да ги покрие основните животни трошоци, рече Николовски.
Тој вети поголеми плати за работниците, помошти за домашните компании, враќање на данокот на додадена вредност, укинување на радио дифузната такса, 640 милиони евра за развој на земјоделското производство и загарантиран пласман на земјоделските производи.
На митингот на Коалицијата „ За живот во Македонија“ во Велес говореа и кандидатот за пратеник Панче Иванов и Горан Мисовски од НСДП./Д.С