Земјоделците добиваат грст ветувања за подобар живот
Граѓаните се научени за време на изборна кампања да добиваат најразлични ветувања од политичките партии, бидејќи бројот на македонските земјоделци е значаен за одредување победник на изборите. Така е и за предвремените парламентарни избори. Од сите страни до нив се испорачуваат ветувања дека после 11 декември ќе имаат подобар живот, сигурен пласман на производите и подобри цени.
Тоа е така само во кампања, после изборите, земјоделците се соочуваат со нервоза, неизвесност, немање пласман и понижувачки цени. Годинава лозарите сето тоа најдобро го почувствуваа на своја кожа.
Опозицијата предводена од СДСМ и коалицијата им вети на земјоделците сигурен пласман на произведеното по загарантирана цена и редовна исплата на субвенциите.
„Ниту се задоволни тие луѓе што продаваат, ниту тие што купуваат. Пуста сиромаштија е присутна насекаде по целата наша Македонија. Тиквешијата и оваа срцевина на Тиквешијата навистина блика со работлив народ, со чесен народ, со скромен народ, кој долги години живее во сиромаштија, а оваа година е посебно тешка. Беше катастрофално со праските затоа што, навистина, ниту откуп се има, а луѓето велат, дури добро е тоа што измрзнаа за да ги фрлат самите праски. Мислам дека покрај праските, грозјето и остатокот од земјоделско производство коешто се обработува овде во овој земјоделски крај, е со катастрофални последици, пред се по откупот и по цените по коишто се продава“, рече лидерот на СДСМ и носител на листата во четвртата изборна единица, Зоран Заев пред жителите на Росоман.
Порача дека она што државата треба да го направи е пред се, да обезбеди пласман на тоа земјоделско производство. Заев нагласи дека на политичарите е обврска да ги отворат пазарите, да обезбедат откуп и да направат конкуренција кој повеќе ќе плати да го купи земјоделското производство.
Во Росоман беше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата на коалицијата „За подобра Македонија“ во четвртата изборна единица, Никола Груевски . И тој најави поголемо внимание за овоштарите и лозарите. Помош за набавка на механизација и системи „капка по капка“.
„Ние и досега многу вложувавме за да им помогнеме на земјоделците кои беа оставени на маргините на општеството. Со нашето доаѓање се воведоа стандардни субвенции, но и вонредни услови на неповолни временски прилики. Така ќе продолжиме и натаму“ рече Груевски.
Пред жителите на Росоман тој изјави дека ќе продолжела реализацијата и на старите проекти во областа на земјоделството, како што е поддршката од 10.000 евра за млади земјоделци кои ќе отворат земјоделски бизнис или 60 постотно субвенционирање на вредноста на опсигурувањето на посевите.
„Граѓаните ќе имаат можност и да ги искористат поволностите од проектот „Од град во село за нов почеток“ при што ќе добиваат субвенции од 6.000 евра за изградба или реконструкција на куќа, 15.000 денари месечно во првите 18 месеци, 80 процентно субвенционирање за купување високоприносен добиток и пасиште од 10 хектари, 80 проценти субвенција за изградба систем „капка по капка“ нагласи Груевски.
Земјоделците велат дека убаво е да ги слушаат овие ветувања, но не веруваат дека истите ќе бидат реализирани, бидејќи десет години тие се оставени сами на себе, субвенциите од државата им се само, како што велат, социјална помош, за да не ги напуштат насадите.
Гласовите од земјоделските производители и на овие избори ќе бидат одлучувачки. Политичарите мора да знаат, велат земјоделците, дека со нас неможе да се мајтапат, ние знаеме и да наградиме, но и да казнеме кога ќе дојде нашиот момент за одлучување.
Aнгел Данов