Панче Иванов.: Пензиите ќе растат според трошоците за живот, а не онака како што ќе се смилува Груевски
Планот за живот на СДСМ предвидува повисоки плати за подобар животен стандард, затоа целиме просечната плата да ја качиме до 30 илјади денари. Со развојот на економијата ќе растат и платите во јавниот и државниот сектор, а вработените ќе ги мотивираме преку награди а не преку досегашните политики и казни. Ова денеска го порача кандидатот за пратеник на СДСМ во Велес, Панче Иванов.
– Испланиравме двојно зголемување на платите на здравствените работници до крајот на мандатот. Ќе ги зголемите платите на наставниците и професорите со тоа што за две години ќе ја изедначиме почетничката наставничка плата со просечната плата во државата. Ниту еден наставник нема да зема пониска плата од просечната во Македонија. Пензиите ќе растат онака како што растат трошоците за живот. а не онака како што ќе се смилува Груевски. Важни ни се домашните фирми, за нив предвидуваме за сто пати државна помош поголема од досегашната, рече Иванов.
Според Иванов, „Планот за живот“ на СДСМ не е план за преживување туку план за нормален и достоинствен живот за сите граѓани на државата.
Инаку СДСМ излегоа со писмена реакција на изјавата на Јордан Витанов во која тој обвини дека на митингот на СДСМ во Велес имало повеќе албански од македонски знамиња. Од СДСМ го повикуваат Витанов да се засрами и да им се извини на жителите на Бузалково, Сливник, Клуковец, Иванковци, затоа што како што велат во реакцијата, тешки националистички зборови на омраза и етничка нетрпеливост излегле токму од неговата уста.
– Засрамете се и извинете им се на Вашите колеги на кои сте им директор, на културните работници и на сите Ваши и наши коалициони партнери, кои имаат национални знамиња, различни од македонското, а здружени со македонското. Вашата партија ВМРО ДПМНЕ е корумпирана партија со криминално раководство. Дали соживотот со Албанците го гледате само преку делење на пари, тендери и бизнис зделки помеѓу Груевски и Али Ахмети ?! Илинденците, Гемиџиите, Партизаните, Бранителите на Македонија не беа националисти, туку борци за соживот на сите граѓани на оваа земја. Македонија е мултиетничка држава, а ширењето говор на омраза е кривично дело, стои во писмената реакција на СДСМ./Д.С