Ѓорѓи Коџабашиев: Осумдесет нови медицински апарати во здравствените установи во Велес
Проекти од областа на здравството предвидени во програмата РЕАЛНО на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија презентираше кандидатот за пратеник од Велес Ѓорѓи Коџабашиев. Тој рече дека за здравствените институции во Велес ќе се обезбедат 80 нови медицински апарати во вредност од над 900 илјади евра.
Велешката болница ќе добиела централна мониторинг станица со четири пациент-монитори за мерење на витални функции, најсовремен дигитален рентген апарат, ФАКО апарат за интервенции за катаракта, апарат за анестезија и друга опрема. Вкупната инвестиција ќе чинела над 770 илјади евра. Шест апарати во вредност од 118 илјади евра ќе добиела и специјалната болница за белодробни заболувања во Јасеново, најави Коџабашиев.
– До крајот на оваа година ќе се комплетираат и градежните активности за новата реконструкција на Општата болница во Велес – проект за кој се инвестираат над 340 илјади евра. Се поставува нова енергетски ефикасна фасада, реконструкција на покривот на објектот, комплетно реновирање на одделенијата за гинекологија, интерно и очно/ушно, како и изградба на нов оддел за интензивна нега во одделението за интерна медицина. Исто така, продолжуваме и со реализација на проектот „рурален доктор“ преку кој покриваме повеќе населени места во велешко, меѓу кои и Отовица, Сујаклари, Богомила, Лисиче, Башино Село, Караслари, Согле, Теово, Нежилово и многу други, рече Коџабашиев.
Коџабашиев ги потсети велешани што досега било инвестирано во здравствените установи во градот./Д.С