По два дена, општина Велес, ги соопшти причините за измерени 611 мг/м3 воздух со ПМ 10 честичките во градот
Државната мерна станица Велес 2, пред два дена, измери 12 пати повисоки концентрации на ПМ 10 честичките во воздухот во Велес. Наместо 50 мг/м3 воздух резултатите што беа прикажани на 1 февруари,годинава, на веб страната Квалитет на воздух на министерството за заштита на животна средина изнесуваа 611 мг/м3 воздух. Граѓани бараа од Дума.мк да ги праша надлежните што се случува со воздухот што го дишеа пред два дена.
Општина Велес денеска одговори на поставените новинарски прашања. Ја потврди информацијата објавена на Дума.мк и напиша кои се причините, зошто мерната станица „Велес 2“ поставена во дворот на детската градинка во населба Тунел на 1 февруари забележа многу кратно зголемена концентрација на ПМ10 честички во периодот од 08:00 часот до 12:00 часот.
„ Истиот ден службени лица од Одделението за животна средина извршија увид на локацијата на мерната станица каде констатираа дека во непосредна близина на мерната станица се вршат градежни активности за реконструкција на дел од улица Благој Ѓорев во должина од 825,16 м и дел од улицата Живко Фирфов во должина од 279,90 м и во Нова населба-Општина Велес.
На лице место е разговарано со лицата кои ги вршеа градежните активности и им беше укажано дека градежните активности треба да се вршат и согласно одобрен Елаборат за заштита на животната средина каде што како една од мерките од Програмата за подобрување е да се врши прскање на работните површини. На правниот субјект кои ги врши градежните активности му беше укажано дека е потребно да се обезбедат услови за поставување на цистерна со вода со која ќе се врши прскање со цел да се спречат големите емисии во воздух од вршењето на нивните активности, затоа што мерната станица е во непосредната близина на работниот простор и ги регистрира како екстремно високи,“ пишува во одговорот на Општина Велес.
Исто така, општината ,од страна на фирмата која што ги извршува градежните работи била известена дека од денеска, 4 февруари, ќе биде обезбедена цистерна со вода која ќе се користи за распрскување на делови од работната површина и со големо внимание затоа што сообраќајот се одвива во една лента со наизменично пропуштање на моторните возила додека од Министерството за заштита на животна средина и просторно планирање, преку телефон, била известена за направено контролно тестирање на сондата за мерење на ПМ 10 честичките на мерна станица Велес 2.
Поради контролата, оваа мерна станица за квалитет на воздух во Велес сега не работи и од министерството ветиле дека набрзо повторно ќе била вратена во функција.
Убавка Јаневска