Побарана поддршка од ССНМ за да не згаснат локалните медиуми во Македонија
Објавено: 16 декември, 2025, во 15:37 часот
„Во локалните медиуми професионалните новинари и медиумски работници работат за месечна плата од 24.400 МКД или за пониска од минимална плата, дел се со ангажман на половина работно време или работат за хонорар. Оваа состојба е причина за заминување од новинарската во други професии на значаен број на професионални новинари и медиумски работници (сниматели, монтажери и фоторепортери). Соочени со главен и најсериозен предизвик да обезбедат минимум потребен буџет за одржливост во локалните медиуми, не постојат редакции. Востановената практика на работа, базирана на еден до двајца новинари, не овозможува создавање на квалитетни медиумски производи од различни новинарски жанрови. Дневните информации од јавен интерес се најзастапени додека аналитичкиот и истражувачки пристап се практикува единствено кога локалниот медиум ќе обезбеди проект и донатор кој поддржува развој на локални медиуми и создавање на аналитички и истражувачки приказни во локалните заедници. Локалните новинари не работат економски теми бидејќи бизнис заедницата избегнува да биде извор на информации,“ рече новинарката Убавка Јаневска на синоќешната средба и дебата со претставниците на Самостоен синдикат на новинари, на Здружение на новинари на Македонија и членки на мрежата на новинарки „Еднаква“ којашто се одржа во Скопје.
Јаневска додаде дека сиромашни и кадровски десеткувани, локалните медиуми, се повеќе практикуваат автоцензура со што на некој начин си обезбедуваат комотна состојба како за себе така и на локални институции, носители на одлуки, функционери, политичари и бизнисмени.

„Тоа е само една востановена практика за заштита од навреди, дискредитации, клевети, тужби и СЛАПП тужби кои произлегоа од обуките на новинарите и медиумските работници што за прв пат седнаа на дебата со претставниците на институциите (СВР, Основен суд, Основно јавно обвинителство, бизнис заедница) четири градови поточно Велес, Прилеп, Штип и Куманово. И покрај тоа, особено новинарките, не можат да се спасат од притисоци и навреди кои во онлајн просторот ги добиваат многу често и не се исклучени ниту во директна комуникација со заканувачи. Да се работи новинарство во внатрешноста на државата воопшто не е лесно бидејќи со незадоволна страна од новинарски текст се остварува секојдневна, директна комуникација, и на улица и на настан. Повеќе изложени на навреди и дисквалификации се сепак новинарките и медиумските работнички и мора да се пронајде соодветен механизам на нивна заштита,“ додаде Јаневска.

Таа ги пренесе и барањата на 41 колешки и колеги од четирите градови како што се: обезбедување на поголема социо економска стабилност и заштита за локалните медиуми, бенифициран стаж за новинарите и медиумските работници, создавање на национален Агрегатор на локални вести и уште неколку кои произлегоа како заклучоци и препораки , од реализирани четири обуки и дебати на проектот „Јасно и гласно!“ .
Барањата на локалните новинарки за поголема заштита и остварување на права ја добија поддршката на мрежата „Еднаква“. Претседателот на ССНМ, Павле Беловски ги истакна преговорите што се започнати со Владата по синдикалното барање за субвенционирање на дел од придонесите за сите новинари и медиумски работници во Македонија од страна на државата. Беловски додаде дека за сите останати заклучоци и барања, кои се производ на „Гласно и јасно!“, ќе биде отворена поширока дебата со вклучување на сите останати новинари и медиумски работници од внатрешноста на Македонија.
Стефани Манева
Овој настан, средба и дебата, активности се од проектот „Гласно и јасно!“ спроведуван од Регионален веб портал Дума.мк како дел од Програмата за поддршка на граѓански и медиумски организации на „SafeJournalists Network” финансиран од Европската унија.

