Поблиску до вработување и студирање со струките во економското училиште во Велес
Уписите на нови средношколци се во тек, утре е последниот ден за запишување во средните училишта од првиот уписен рок. Младите деветто одделенци треба добро да размислат каде ќе го продолжат своето образование. Според директорката на средното општинско училиште „Јовче Тесличков“ од Велес, Оливера Коцевска, економските струки се неопходни помеѓу младите, бидејќи во секоја фирма потребен економист кој ќе ја води работата.
-Можам да кажам дека уписите течат добро, очекуваме поголем број на ученици на вториот уписен рок, бидејќи дел од нив размислуваат каде да го продолжат своето образование. Ние во нашето училиште имаме наставни профили од струката економија, право и трговија. Нашите ученици се стекнуваат со солидно општо образование и секако практични знаења, додаде Коцевска.
Во велешкото економско училиште постојат три струки и тоа бизнис администратор, економски техничар и продавач. Секоја има свои предности кои на ученикот по завршеното образование му овозможува директно вработување во одредена фирма или основа за предмети кои се изучуваат на факултетите во државата но и надвор од неа.
-Секој ученик којшто ќе го избере смерот бизнис администратор по завршувањето на четиригодишното образование може да се вработи како технички администратор, книговодител, проектен асистент, референт на административни работи. Струката економски техничар пак им овозможува на учениците да се вработат како финансиски референт, сметководител, банкарски службеник, агент за осигурување или комерцијалист. Во нашето училиште има и тригодишна струка а тоа е продавач со кој учениците стекнуваат знаење и можност да работат како продавач преку телефон, дистрибутер, аквизитер, продавач-конслутант. Нашите ученици по завршувањето на средното образование можат веднаш да се вработат бидејќи во текот на годините ќе добијат вистинско знаење и пракса, исто така доколку сакаат да го продолжат своето образование можат да се запишат на повеќе факултети, како економски и правен, рече Радмила Андовска, професор по економски предмети и иновации.
Од оваа година секој ученик во трета и четврта година, задолжително треба да посетува и пракса надвор од училиштето. Средното општинско училиште „Јовче Тесличков“ е дел од дуалното образование но исто така е прво училиште во државата кое нуди и практична работа во училишната маркетинг агенција „SKY“, каде по завршувањето учениците добиваат ESP сертификат. Секој ученик има можност да биде и дел од Erasmus+ програмите.
Следните уписи за во средно образование се на 23, 24 и 25 јуни, додека третото пријавување и запишување во средно училиште е на 30 јуни, годинава.
Стефани Манева