Полицијата излезе со став за случајот со „нападнато дете од дете“ во училиште во Велес, од ООУ„Блаже Конески“ најавија став за случката
„Во Полициска станица Велес, вчера, 20 ноември било пријавено дека во Општинско основно училиште во Велес, малолетник физички нападнал друг малолетник-негов соученик. Со Итна медицинска помош Велес малолетникот бил однесен во болницата во Велес за укажување на лекарска помош. За настанот известен бил јавен обвинител и Центар за социјални работи Велес. СВР Велес презема мерки за расчистување на случајот,“ соопшти Биљана Ѓаковска портпаролка на Сектор за внатрешни работи Велес.
Дума.мк исконтактира со директорката в.д. Маја Коруновска на ООУ„Блаже Конески“ која во телефонски разговор соопшти дека училиштето денеска ќе излезе со официјален став за „немилата случка“ којашто вчера се случила во ова училиште. Коруновска кратко информираше дека ги превзеле сите потребни мерки, прво за итна помош на повредениот ученик а потоа и за расветлување на случајот од страна на институции кои се задолжени согласно закон.
Вчера вечер, по објавата на официјалната информација која што Дума.мк ја доби од портпаролката на Општа болница Велес, д-р Билјана Босилкова на Фејзбук профилот голем број на родители коментираа за тоа што се случило дента во ООУ„Блаже Конески“. Дел од нив објаснуваа дека ученик повредил ученик, за што било потребно повредениот ученик да заврши на Клиника за Неврохирургија во Скопје поради потребата од „сериозна здравствена помош“.
Според последните информации на Дума.мк, добиени утринава од близок роднина на повредениот ученик, тој бил прегледан од врвни македонски лекари, неговата здравствената состојба започнала да се стабилизира. Родителите и членовите на семејството на повредениот ученик ја очекуваат визитата и конзилијарното мислење на лекарите на Клиника за неврохирургија во Скопје и се надеваат дека ќе им соопштат дека пукнатината на главата на детето не е толку сериозна како и дека здравствената состојба ќе се развива кон подобрување.
Дума.мк ќе продолжи да го следи случајот во текот на денешниот ден.
Убавка Јаневска