Пожар кај депонијата во Росоман зафати лозја и овоштарници

Пожар кој избувнал во близина на депонијата во Росоман се проширил и зафатил три приватни ниви, при што изгореле лозови насади, овоштарници и системи за наводнување. Нема повредени лица, но е причинета значителна материјална штета.
Според информации од Секторот за внатрешни работи Велес, пожарот избувнал завчера околу 14:00 часот, по што брзо се проширил поради високите температури и сувата вегетација. На терен интервенирала Територијалната противпожарна единица од Кавадарци, која со навремена реакција успеала да го локализира и целосно изгасне пожарот.

На местото на настанот излегол државен инспектор за животна средина, кој извршил надзор и евиденција на штетите, а увид е извршен и од увидна екипа од ОВР Кавадарци.
Градоначалникот на Општина Росоман, Стојан Николов, исто така, соопшти дека пожарот од пошироки размери е локализиран од страна на вработени на ЈПКД Росоман и ТППЕ Кавадарци како и дека пожарникарска екипа вчера останува на терен за да ја следи состојбата.
Стефани Манева
