Притвор побаран за велешанец осомничен за насилство врз дете и напад на полиција

Основното јавно обвинителство Велес поведе постапка против 23-годишен жител на Велес и поднесе предлог за определување мерка притвор, поради сомнение дека сторил едно кривично дело – Насилство врз дете, како и шест кривични дела – Напад на службено лице при вршење работи на безбедноста.
Според информациите од обвинителството, на 13 јуни осомничениот извршил физичко насилство врз девојче родено во 2016 година. Тој најпрво почнал да ја навредува, а потоа со метален предмет ја удрил по главата. Кога детето паднало на земја, продолжил да ја влече по улицата.
По пријавата од родителите, на местото интервенирале шест полициски службеници. Осомничениот им се заканувал со секира и тесла, одбивајќи да се потчини на наредбите. Започнал да се движи кон нив со опасните предмети, по што полицијата испукала два предупредувачки куршуми во воздух. Тој избегал од местото и бил во бегство два дена.
По неговото приведување, во полициска станица, осомничениот продолжил со закани кон полициските службеници. Обвинителот оцени дека постои реална опасност да ги доврши кривичните дела доколку се брани од слобода, како и ризик од бегство, поради што предложи определување мерка притвор.
Дума.мк
