Прличкова: Јавно го прашуваме Колев, дали високи функционери имаат купено плацеви на езеро „Младост“ и договор со градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ да гради хотел на езерото Младост?

По една недела од одржувањето на осмата седница на Советот на општина Велес, која што советничката група на СДСМ со коалиционите партнери ја смета за скандалозна, на денешната прес конференција беа упатени повеќе јавни прозивки до градоначалникот Марко Колев, претседателот на советот Зоран Љутков, советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и партијата Левица.
Опозициската советничка група во Советот на општината прво реагира на одбиениот предлогот на СДСМ да се симне од дневен ред точката за продажба на двете парцели за хотели , една за мотел, седумте парцели за изнајмување на плажи и четири шанкови со вкупна цена од 100.000 евра на езерото „Младост“. Велејќи дека на истата седница, советниците на СДСМ побарале од општината, пред донесувањето на одлуката за продажба, да организира јавна расправа на која ќе биде презентирана фактичката состојба на езерото, членот на Советот Пандорка Прличкова јавно ги повика советниците од Левица да не му создавале алиби на Колев за неорганизирањето на јавна дебата.
-Единствен кој треба да организира јавна трибина е Марко Колев и општина Велес, затоа што велешани имаат право да знаат што навистина планира актуелната власт со крајбрежјето на велешкото езеро, а не квази јавни трибини со цел амнестирање на Колев и ДПМНЕ од одговорноста. Советничката група на СДСМ на следната седница ќе поднесе барање за да се продолжи планското пошумување на деловите кои беа опожарени за врме на пожарот во 2019 год. Имено до сега се обновени 70 хектари шума со средства од локална самоуправа, невладин сектор и од владата. Општина Велес и во иднина треба да продолжи со обновување на шумскиот фонд. Исто така и барање да се забрани градење на објекти кои ги нарушуваат флората и фауната на езерското крајбрежје. СДСМ се залага за одржлив развој на езеро Младост, заштитувајќи ги природните богатства. Третото барање Општина Велес да организира јавна трибина на која ќе биде презентирано кој досега ги има купено, односно во чија сопственост се плацовите на езерото Младост. Јавно го прашуваме Марко Колев, дали високи функционери имаат купено плацеви на езерото и дали со еден градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ имаат договор да гради хотел на езерото Младост?Затоа ли се организираше он-лајн седница, наместо во живо, за вистината да биде скриена од велешани?, рече Прличкова.
Таа исто така го нарече скандалозно изгласувањето на управниот одбор на ЈКП „Дервен“ бидејќи според Општинската организација на СДСМ наместо со 12 ова тело на комуналното претпријатие било изгласано со еден глас помалку.
-Уште еден скандал е злоупотребата на функцијата од страна на претседателот на Советот Зоран Љутков, кој точката за управниот одбор на ЈКП Дервен ја прогласи за усвоена со 11 гласа „за“ од вкупно 22 присутни советници, што е спротивно од Законот, Деловникот за работа и кривично дело злоупотреба на службена положба, поради што СДСМ ќе понесе кривична пријава. Самоволието и распродавањето на народниот имот бил и остана главен белег на ДПМНЕ, додаде Прличкова.
Според неа СДСМ нема да дозволел безредие и секоја злоупотреба на функција ќе била пријавена пред надлежните институции, се со цел заштита на граѓаните, нивниот имот и природните убавини на Велес и велешани.
Убавка Јаневска
