Освоени шест високи петти и едно шесто место од учениците на велешките училишта на Меѓународните „Плазма спортски игри за млади“ во Сплит (фото)
Објавено: 24 август, 2026, во 08:45 часот
Во народна топка, во атлетика – машка и женска конкуренција, во одбојка на песок – машка и женска конкуренција и во ракомет – машка конкуренција се освоени петтите места додека во тенис велешката претставничка го заврши натпреварувањето на шестото место. Зад овие резултати стојат учениците на ООУ „Панко Брашнаров“, на ООУ „Блаже Конески“ и на ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – Велес, заедно со нивните наставници и ментори.

Но, учеството во Сплит беше многу повеќе од конечниот пласман. За учениците – учесници на „Плазма спортски игри за млади“ во Сплит овие меѓународни натпреварувања им овозможија да стекнат нови спортски искуства и пријателства и да го претстават своето училиште, својот роден град – Велес и родната земја – Македонија во духот на фер-плејот и училишниот спорт.

-Сојузот на училишен спорт Велес 2002 е задоволен од настапот на велешките претставници, особено имајќи предвид дека во повеќе дисциплини нашите ученици се најдоа меѓу најдобро пласираните учесници на игрите. Посебна благодарност упатуваме до учениците за нивната борбеност и примерно однесување, до наставниците за посветеноста и грижата за екипите, како и до сите институции и поддржувачи кои придонесоа Велес да има бројно и достоинствено претставување на овој голем меѓународен спортски настан, рече Иле Попов претседател на Сојуз на училишен спорт Велес.

.Тој додаде дека учеството на 35 ученици со своите наставници, како дел од македонската делегација која броеше вкупно 240 учесници, беше уште едно големо искуство за младите спортисти и уште една потврда дека училишниот спорт создава можности, пријателства и вредности кои остануваат забележани и во спомените многу подолго од конечниот резултат. Затоа што во Сплит годинава учествуваа ученици од Македонија, Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина.
Убавка Јаневска
Фото галерија:










