Проф. д-р хаб. Маќеј Кавка добитник на Почесното Рациново признание на 63 „Рацинови средби“
Објавено: 3 јуни, 2026, во 14:51 часот
Проф. д-р хаб. Маќеј Кавка е истакнат полски лингвист, славист и македонист, текстлингвист и истражувач на дискурсот и медиумската комуникација. Неговата научна и културна дејност имаат особено значење за афирмацијата на Македонија не само како предмет на регионално или славистичко истражување, туку и како важен дел од европската културна и јазична мапа додека во неговото дело македонскиот јазик се појавува како јазик со сопствена историска длабочина, современа функционалност и богата текстуална култура; македонската литература — како простор на силни симболички, митски и историски значења; а македонскиот јавен дискурс — како предмет достоен за сериозна европска научна анализа, пишува помеѓу другото во одлуката на Организациониот одбор на 63 Рацинови средби за доделување на Почесното Рациново Признание.

„Поради сето тоа, проф. д-р хаб. Маќеј Кавка заслужува да биде вброен меѓу странските македонисти кои со својата работа трајно придонеле за развојот, промоцијата и меѓународната афирмација на македонскиот јазик, литературата и културата. Неговото дело е пример за вистинска научна посветеност, културно посредништво и пријателство меѓу народите изградено преку јазикот, книгата и академската соработка. Затоа доделувањето на Почесното Рациново признание на проф. д-р хаб. Маќеј Кавка би претставувало достоинствено признание за научник кој со децении ја внесува македонската реч во европскиот научен и културен простор, градејќи мостови меѓу Полска и Македонија и потврдувајќи дека македонистиката е жива, современа и меѓународно значајна научна област,“ издвои во опсежното претставување на овој годинешен лауреат проф. д-р. Весна Мојсовска Чибишевска.
Во својство на Претседател на Организацискиот одбор на 63 Рацинови средби, градоначалникот Марко Колев, соопшти дека од 31 мај со атлетската трка, родниот град започна да го слави ликот и делото на Кочо Солев Рацин и се до 15-ти и 16-ти јуни, кога ќе се одржат средбите, испланирани се бројни културни и пропратни содржини на литературната и културна манифестација. За неа Општина Велес издвои 400 илјади денари и Министерство за култура и туризам 620 илјади денари.
Снежана Бошевска, член на Организациониот одбор, детално ја образложи годинешната Програма на 63 Рацинови средби.
Жири комисијата за доделување на Рациновото признание годинава составена од Проф. д-р Елизабета Шелева, Проф.д-р Лорета Ѓоргиевска Јаковлева и Проф. д-р Марија Ѓоргиева Димова има сериозна задача бидејќи на конкурсот се пристигнати 24 дела од исто толку автори. Нивната одлука за добитникот на оваа престижна награда треба да се очекува помеѓу 10 и 12 јуни, годинава.
Убавка Јаневска
