Пуштен времен сообраќај на Башиноселскиот мост, кај Велес (фото)

Од претпладнево, во 10:00 часот пуштен за времен сообраќај на возила до 40 тони е мостот на Вардар кај Башино Село. Поставен е семафор, светлосна сигнализација, којашто ќе го регулира сообраќајот што ќе се одвива само на средината на мостот. Така одлучи Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) додека не започнат работите со којшто ќе се зајакнува конструкцијата на коловозот на мостот.
ЈПДП во петокот доцна попладне ја доби дозволата за воведување на сообраќаен режим од Министерство за внатрешни работи. Исто така до медиумите испрати соопштение со напомена дека времениот режим на сообраќај ќе се стави во функција 24 часа по објавувањето од страна на медиумите.

Во соопштението ЈПДП напиша:
„Врз основа на Одобрение за времена измена на режимот на сообраќај за време на санацијата на мостот на река Вардар на регионалниот пат Р1312 делница: Башино село – Велес, ќе го стави во времен режим на сообраќај. Времениот режим на сообраќај ќе се одвива согласно со изготвениот Сообраќаен проект за времено одвивање на сообраќајот и со поставување на соодветна сообраќајна сигнализација и опрема на патот, а движењето на сообраќајот ќе биде регулирано со светлосна сигнализација по една сообраќајна лента по средината на мостот“ напиша во соопштението за јавност Јавното претпријатие за државни патишта“.

Мостот беше забранет за сообраќај поради небезбедност од 3 јануари годинава. Тогаш поради напукнувања на празните цевки на кои се потпира мостовската конструкција како и ронењето на бетонот на носечките греди на коловозот Премиерот Христијан Мицкоски и Градоначалникот Марко Колев ја соопштија забраната. Мицковски најави поправка на овој како и изградба на нов мост педесеттина метри подолу од локацијата на која се наоѓа 53 години стариот Башиноселски мост кај Велес.
Убавка Јаневска
