Рацин меѓу Мисирков и Шопов – тема на научниот симпозиум за 60 Рацинови Средби (фото и видео)
Неколку јубилеи го одбележаа научниот симпозиум насловен како „Рацин меѓу Мисирков и Шипов“ којшто, денеска, се одржа во Народен Музеј – Велес во чест на Кочо Рацин. Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ проф. д-р Елена Јованова – Грујовска, рече дека Кочо Рацин преку своето творешство покажал како ќе изгледа современиот литературен јазик за кој претходно пишувал Крсте Мисирков во својата книга „За македонцките работи“ а подоцна целосно ја доразвил Ацо Шопов.
За време на научниот симпозиум, Јасмина Шопова, пред присутните прочита текст којшто нејзиниот татко, Ацо Шопов, го прочитал во родното место на Рацин, во градот Велес, пред точно 60 години, на 13 јуни 1963 година, во киното „11 октомври“ .
Учесниците на конференцијата од повеќе врвни научни и високо образовни институции зборуваа на повеќе теми поврзани со Рацин.
Овој симпозиум е во организација на Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во соработка со Совет на Македонски јазик и со поддршка на Општина Велес. Истиот се одржува во рамките на 60 Рацинови средби.
Стефани Манева