Тензично на блокадата кај Росоман!
На лозарската блокада кај Росоман, на која десетина дена лозарите протестираат и си ги бараат парите за предаденото грозје во винаријата Винеа, дојде пратеничката Ленче Николовска.
Николовска разговараше со лозарите од Тиквешкиот регион на кои им рече вината треба да ја бараат во Владата зошто таа наместо да и ја одземе лиценцата и дозволила на Винеа да продолжи да откупува грозје и покрај долгот кон нив.
„Владата сега треба да ги обесштети лозарите. Сето ова што сега го прави Аризанов и сите други што се политички мотивирани е само одвлекување на главната вина. Наместо да ги однесе пред Влада и таму да бараат пари Аризанов ги држи десет дена овде на блокади.Значи вината единствено е само кај Владата затоа што дозволи овие луѓе да бидат украдени од страна на Винеа“,рече пратеничката Ленче Николовска.
На блокираниот пат се создаде напната атмосфера кога Аризанов и Николовска започнаа да се докажуваат околу грижата за лозарите.
Беа изречени обвинувања и лични навреди. Претседателот на лозарското здружение Љупчо Аризанов порача дека нема да дозволи политички маркетинг на блокадите.
„Ја замолив да се тргне од тука да не создава раздор меѓу лозарите. Зошто таа не го свикала собирот, да дојде тука и да седи десет дена заедно со мене. Јас лично и порачувам дека откога се почнати субвенциите немам земено ниту денар субвенција за што може слободно да провери и овде сум за моите пари исто како и другите лозари а не да бркам политика“,рече Аризанов.
Лозарите за цело време ги слушаа обвинувањата кои си ги упатуваа Аризанов и Николовска. Политиката нека си ја бркаат партиите, кусо коментираа неколкумина лозари.
За сите нив сепак најважно беше што ќе се случи утре и дали ќе успеат на состанокот со газдите на Винеа да утврдат кога ќе им бидат исплатени 600 илјади евра, парите за предаденото грозје. /Б.Н.Т