Димовски: “Македонија е лидер на Балканот во производство на вино“!
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски денеска истакна дека во 2012 година земјава забележала рекорд во изозот на вино.
“Македонија е лидер во регионот по производство на вино. Бројот на винарските визби кај нас постојано се зголемува, што е јасен показател дека винарството веќе сигурно станува начин на живот и силен мотор во земјоделството и економијата на земјата во целина. Виното е најизвезуван пијалак и втор земјоделски производ по остварениот приход од извоз. Во просек од околу 85% од производството на вино е наменето за извоз.“ рече Димовски на денешното поставување на камен темелник на новата винарија која ќе се гради во селото Трстеник со капацитет од 10,5 млн литри вино. Сопственик на винаријата е АД “Гоце Делчев“.
Вкупниот извоз на вино минатата година се искачил на 1,15 милиони хектолитри и се надминал извозот од 2011 која била најдобра година во поглед на извозот на македонско вино во последните 10 години.
“Од аспект на извозот на вино, 2013 година започна успешно, имајќи во предвид дека договорената безцаринска квота со Европска Унија, која изнесува 31.400.000 литри за наливно вино, согласно податоците од царинските и даночни органи при Европската комисија, заклучно 04 февруари 2013 целосно е искористена. Особено радува фактот што најголемиот пораст е остварен токму во извозот на вино во шишиња. Ова практично значи дека над 50.000 шишиња македонско вино се продаваат во светот секој ден, а секое од нив е своевидна “течна разгледница“ за Република Македонија и нејзината промоција во светот“ нагласи Димовски./А.Д