Удрени темелите на ново подрачно училиште во селото Паликура
Иако малку се на број, сепак учениците од росоманското село Паликура ќе учат во ново училиште. Жителите радосни што децата за две години ќе имаат далеку подобри услови за настава во нова училишна зграда чија изградба започна денеска со поставувањето на камен темелникот.
„Капацитетот на училиштето ќе биде околу 40 ученици со две училници.Ќе зафаќа простор од 113 м2 на кој освен училниците планирана е канцеларија за наставниот кадар, санитарни јазли, помошна просторија и систем за греење.“ рече директорот на ООУ „Пере Тошев“ Зоранчо Јовановски.
Средствата во висина од 3 милиони денари се обезбеени од буџетот на општина Росоман и буџетот на ООУ Пере Тошев.
Инаку постоечкото училиште во селото е изградено во 1985 година и денес не ги задоволува стандардните потреби за воспитно образовниот процес. Во моментот наставата во истото се изведува во една комбинирана паралелка со 6 првоодделенци, 2 ученици во 3 и 6 ученици во 4 одделение./А.Д