Розов октомври во Велес – утре едукативен настан за подигнување на свеста за ракот на дојка

Објавено на 30 октомври, 2025 во 10:13

Во Медиотеката на градската библиотека „Гоце Делчев“ во Велес, во знакот на розовата боја, утре со почеток во 14:00 часот, ќе се одржи едукативен настан посветен на подигнување на свеста за ракот на дојката кој доколку се дијагностицира навремено може успешно да се лекува.

Настанот ќе обедини жени, здравствени работници и граѓани околу една заедничка порака и преку предавањата од Проф. д-р Тања Петровска и Проф. д-р Јасмина Чабуковска – Радуловска, присутните ќе имаат можност да дознаат повеќе за превенцијата, важноста на редовните прегледи и психолошката поддршка што е неопходна во процесот на справување со болеста.

-Октомври е месец за подигнување на свеста за ракот на дојката, месец кога светот се обединува во розово – бојата на надежта, храброста и поддршката за сите жени што се соочуваат со оваа болест. Раната детекција е клучна. Ти си ВАЖНА. Секоја жена е ВАЖНА!, изјавија од Организацијата на жени Велес, кои се организатори на настанот во соработка со ЈЗУ Општа болница Велес и со поддршка од локалната самоуправа.

Розовиот октомври во Велес не е само симбол, туку потсетник дека секој ден е важен за здравјето – и дека вистинската сила започнува со грижата за себе.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.