(Фото) Се попраат тротоарите во центарот на Велес, граѓани бараат доволно пешачки простор и крај за паркираните возила на овој дел на „8 Септември“

Објавено на 5 август, 2024 во 12:18

Извадените бехатон коцки на тротоарите на дел од централната градска улица „8 Септември“ укажаа, на крајот од работниот дел на минатата недела, дека најверојатно ќе започне нивната поправка. Градежни работници освен што ги извадија исто така го рамнеа слојот на ситен песок во подлогата на тротоарот од источната страна поточно од под јаворот на плоштад „С`рмаале“ или од ќошот пред зградата на Централен Регистер и Управа за јавни приходи се до плоштадката на која е поставен споменикот на Кочо Солев Рацин.

Дума.мк ја прашаше општина Велес дали согласно проектот за уредување на централно градско подрачје во Велес започнува реализацијата и на поправка на раскопаните тротоари, до кога ќе трае реализацијата на реконструкцијата и кога велешани безбедно ќе можат да се движат. Од таму одговорија:

„Во наредниов период, по предходни неопходни консултативни процеси и одoбрувања за што и се одолговлечи самата реализција, интензивно ќе се работи на реконструкција на тротоарите. Поточно планирано е завршување на истите во експресен период од 15-тина дена. Имено, целата реконструкција да заврши до 15 ти Август, со што Централното градско подрачје ќе добие финален реконструктивен изглед“.

Дума.мк во неколку наврати информираше за реакциите на велешани поврзани со реконструкцијата на централното градско подрачје. Особено за новото сообраќајно решение за чии потреби се прошири улицата во делот од пред зграда на Основен суд Велес до кружен тек кај споменикот „Коњаник“.

Токму во тој дел, источниот тротоар е сосема поместен кон делот на жардинјерите кои го делат паркин просторот од улицата и доведен во состојба на стаза, реагираат велешани. Овие граѓани сметаат дека тоа ќе била најголемата бариера на новиот изглед.

За дел од нив неразбирливо е коловозот на овој дел на улицата „8 Септември“ да се користи како место за паркирање од двете страни, на лентата која според сообраќајните прописи е за кратко застанување, наспроти потребата на пешаците. Граѓаните бараат општината да воведе ред и да им обезбеди место за користење на тротоарот или на дел од коловозот како што тоа е обезбедено од спротивната, западна страна.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.