Штипјанец со „бентли“ возел 143 км на час на експресен пат Лозово – Велес, полицијата го приведе во станица
Објавено: 17 ноември, 2025, во 13:12 часот
На експресниот пат Лозово – Велес, во близина на крстосница за село Мамутчево, велешко, вчера, околу пладне, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода М.Ј.(45) од Штип додека управувал моторно возило марка „бетли“ со скоро два пати поголема од дозволената брзина.
„ При контрола на патниот сообраќај со радар, полициските службеници констатирале дека М.Ј управувал патничко возило „бентли“ со штипски регистарски ознаки со брзина од 143 километри на час на место каде максимално дозволената брзина е ограничена со сообраќаен знак на 50 километри на час. Тој е приведен во полициска станица, известен е јавен обвинител и по целосно документирање на настанот против него ќе биде поднесена пријава по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“,’ соопшти Сектор за внатрешни работи Велес.
Во велешко, за три дена овој е трет случај на возач кој е лишен од слобода за непочитување на дозволена брзина или управување на возило со поголема брзина од пропишаната.
Убавка Јаневска


