Собрани 15 м3 ѓубре од брегот на езеро „Младост“,печење скара на канти за смет на првомајскиот излет (фото)

Објавено на 3 мај, 2023 во 11:07

Пет трактори со смет вчера собрале комуналните работници на ЈКП „Дервен“ од двата брега на велешко езеро. По првомајските излети вкупната собрана количина на смет изнесува 15 м3 од најпознатото излетничко место во околината на Велес. Таа во споредба со количината на собраниот смет, во претходните години, е помала, соопштија од комуналното претпријатие.

Но и бројот на излетници, во понеделникот на 1 мај, на бреговите на „Младост“ се чини дека беше помал во споредба со претходните години. Сепак поголемиот дел од нив не се откажаа од традиционалниот начин на одбележување на празникот на трудот поточно печењето на скара. Еден пример на поставување на скарата, распалувањето и печењето сепак беше уникатен поради нејзиното поставување на новите канти за смет.

Исто така, не беше мал бројот на излетници кои наместо на традиционален начин избраа само престој во природа и тоа со првомајско седење на ќебиња или други простирки на тревниците.

Според комуналното претпријатие далеку похумано кон природата се однесувале излетниците на река „Бабуна“. Таму скоро и да немало оставен или расфрлан смет. Освен празнењето на контејнерите не било потребно дополнително чистење на речните брегови.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.