Средношколците учесници на Летната Младинска Академија ги добија своите пофалници и сертификати
Дваесет средношколци коишто успешно ја завршија Летната Младинска Академија којашто ја спроведе Младински центар Велес во соработка со Сојуз на младинска работа, денеска, во Europe House Велес свечено ги добија своите сертификати и пофалници. Десет од нив добија пофалници, додека останатите десет средношколци коишто за време на академијата биле активни, редовни и ги извршувале своите домашни задачи добија сертификат.
Пофалниците и сертификатите беа поделени од страна на младинскиот работник во Младински центар Велес Ивана Јордева заедно со Сашка Манаскова и Ангела Петрушева коишто ги водеа работилниците.
-Стигнавме и до самиот крај. Денеска нашите средношколци ги добија своите пофалници и сертификати од Летната Младинска Академија. За време на академијата младите се стекнуваа со различни вештини и знаења бидејќи самите работилници се состоеа од теоретски и практичен дел. Тие беа дел од работилниците „Животни вештини“, „Младите во општеството“, „Идентификување на проблеми на младите“, „Мојот идентитет“, „Волонтерство“ и други, рече Јордева.
Присутните средношколци изразија посебна благодарност за можноста да бидат дел од оваа академија и соопштија дека им помогнала да научат многу нови работи на различни теми.
Работилниците за време на академијата беа спроведувани во Младински центар Велес и во Europe House Велес.
Стефани Манева