ТППЕ Свети Николе доби нова противпожарна опрема
Нова работна опрема за пожарникарите за чишна заштита како и колективна техничка опрема која е наменета за интервенции, денеска, доби Територијално противпожарната единица Свети Николе. Набавената опрема е наменета за противпожарната единица којашто ја покрива и територијата на општина Лозово.
-Во просториите на противпожарната станица беше предадена нова противпожарна опрема обезбедена преку проектот „Пост-КОВИД: Општините како двигатели за одржливиот развој“. Станува збор за проект за меѓуопштинска соработка помеѓу Свети Николе и Лозово, чија основна цел е да се зајакнат капацитетите за одговор во кризни состојби во регионот на двете општини. Овој проект го имплементира Програмата за развој на Обединети Нации во соработка со Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, а набавката на опремата е кофинансирана и од општините Свети Николе и Лозово, соопштија од ТППЕ Свети Николе.
Според нив, меѓуопштинската соработка која е основа за ова партнерство, ќе придонесе за поголема безбедност на граѓаните и ќе биде основа за понатамошни инвестирања, со цел подобрување на условите за живот и сигурноста во двете општини.
Во рамки на проектот била изработена и веб страна за противпожарната единица, а општините се приклучиле кон веб и мобилната апликација за пријавување проблеми во заедницата „Пријави 24“. Вкупната вредност на проектот изнесува 1,540,708,00 МКД од кои општините кофинансирале 265,782,00 МКД.
Стефани Манева