Валентина Дукова втор пат прогласена за „Жена фармер“ во Македонија
Објавено: 5 октомври, 2026, во 15:01 часот
Откако во чистата природа на Клепа, во село Подлес, кај Градско, од првично 20 разви 200 пчелни семејства и произведе мед што освои бројни признанија за квалитет, дома и на Балканот, велешанката Валентина Дукова пред две години за прв пат а годинава втор пат е прогласена за „Жена фармер “ во областа на пчеларството и апитерапијата. Дукова признанието го доби од граѓанското здружение „Проагро“ на Агросаемот кој што се одржа во Струмица.

-Ова признание за мене е потврда дека трудот, знаењето и резултатите што ги постигнуваме имаат континуитет. Сметам дека оваа година една од пресудните причини беше Апикомора која ја менаџирам лично. Започна со работа во мај, а за само неколку месеци имавме над 300 апиинхалации. Мојата порака до сите жени е: верувајте во себе, храбро следете го својот пат и никогаш не се откажувајте од своите соништа!,“ рече Дукова.


Засега оваа жена фармерка во „Пчеларник ДУКОВИ“ произведува ливадски мед, матичен млеч, природни мешавини со мед, природни мелеми и апикозметика. Таа има сертификати за апитерапија и апикозметика од Академијата за пчеларство и апитерапија во Белград, како и сертификат за апикомора од „Api Med“ Белград.
Убавка Јаневска


