Нови садници на багрем, јасен и чемпрес во Велес!
Река од луѓе, во среда наутро, почна да го искачува ридот над спомен костурницата. Не им сметаше дождот што ситно врнеше на ученици организирани преку основни и средни училишта и граѓани, вработени и невработени, бидејќи сите знаат што значи да се зголемат „белите дробови“ на Велес со нови седумдесет илјади садници. За секој од нив беше предизвик да учествува во големата акција за засадување дрва. Сите заедно учествуваа во засадувањето на својата иднина.
„Иако имам скоро шеесет години одлучив да се искачам по оваа стрмнина и да засадам онолку фиданки колку што ќе можам. Убава е замислата особено за нас велешани бидејќи ние знаеме што значи потребата од чист воздух,“ рече Ристо.
„Со мојот син Мартин, кој има четири години, заедно засадивме дваесет садници на багрем. Мислам дека истото треба да го сторат сите граѓани на Велес. Но освен што денеска садиме треба сите да се грижиме за садниците ,“ рече Снежана.
Граѓаните до избраните локации за пошумување стигнaa пеш. По искачување од триесетина минути ги пречекаа вработени во шумското стопанство „Бабуна“. Им делеа садници. Потоа почна пошумувањето.
„Подготвивме локација со вкупна површина од 24 хектари. Дел од неа е карпест терен но, на површина од 17 хектари ќе засадиме садници со багрем, јасен и јавор. Треба да пошумиме од шеесет до седумдесет илјади садници,“ рече Боге Сокаровски в.д директорот на ШС „Бабуна“
Багрем засади и градоначалникот.
„По десетти пат сите заедно учествуваме на оваа акција почнувајќи од АРМ, владата, сите јавни претпријатија, општинската администрација, вработените во образованието, учениците, децата, што значи дека дојдовме за да направиме уште еден чекор кон еколошки здрава средина. Локацијата ја избравме поради тоа што граѓаните во овој дел од градот имаат штета поради ерозија од земја,“ рече Горан Петров.
Дисциплинирани и подотвени да дадат свој придонес во засадувањето на дрвјата беа и војниците од касарната „Алексо Демниевски Бауман“. Со нив заедно работеа и децата. Беа вистински партнери се додека не се засади и последната садница од дрвцата на ридот над спомен костурницата.
