Во ноември исто како во пролет!
Сонцето и топлото време, несвојствено за зима, во сабота напладне ги намами велешани на кафе муабет на главната градска улица. Се наполнија летните тераси пред кафетериите на улицата „Благој Ѓорев“. Дневната кафе шема беше причина таму повторно да не може да се најде место. По врнежливата недела денеска велешани желни за муабет ги запоседнаа столчињата и се чини дека уживаа во разговорите со пријателите и пријателките.
Многубројни беа и граѓаните кои пладневните часови од денот ги поминаа на сонце во Младински парк. Раздвиженост се почувствува и на останатите градски улици каде имаше и зголемена фрекфенција на возила чија крајна дестинација беше езерскиот брег на Младост. За прошетка во природа се одлучија родителите на децата кои покрај водата можат безбедно да си играат.
Љубителите на спортските дисциплини не ја пропуштија денешната можност да го посетат градскиот стадион. Таму спортуваа рекреативните атлетичари.
Но, не сите денеска можеа да уживаат во топлото и сончево време на отворено. Денешниот ден беше работен за администрацијата, вработените во јавните претпријатија, државните институции, училиштата кои го одработуваа денот среда кога во државата беше спроведена акцијата за озеленување на Македонија.
