Алтернативни локации за работа на велешка Топилница!
Ова од скопската фирма Метрудхем, газдата на Топилница во Велес, го бара министерството за заштита на животна средина.
Во одговорот по барањето за рестарт на фабриката, министерството од сопственикот на тешкиот загадувач, бара да ангажира експерти кои ќе потврдат колкава количина на тешки метали во себе сеуште може да апсорбира велешката почва. Ова се два нови услови што Метрудхем треба да ги исполни ако планира рестарт на производството на олово, цинк и кадмиум на територијата на државата. Мислењето на министерството за заштита на животна средина и просторно плнирање е она што претходно во изминатите дваесет години граѓаните на Велес го соопштуваа како свое мислење или став, вели Игор Смилев од Зелената коалиција.
„Ако сака да работи тогаш Метрудхем ќе мора да пронајде алтернативна локација. Сега сите ние ќе бидеме на чисто дали навистина Метрудхем ќе сака да работи или имаше единствена цел, да ги нервира велешани. Тоа е прво а второ е што сега Метрудхем ќе треба да ангажира, најми или плати експерти, да го утврдат загадувањето во почвата поточно она што Велес заедно со домашни и странски експерти го утврдија многу порано од нив. Значи сега Метрудхем, преку своите експерти, ќе треба тоа да го признае. Навистина сум љубопитен и очекувам да слушнам дали нивните експерти ќе мислат поинаку од остатокот на светот“, рече Смилев.
Објавата со новите услови кои Метрудхем треба да ги исполни, ако сака да рестартира производство на тешки метали во Македонија, се наоѓаат на официјалната интернет страна на министерството за заштита на животна средина.