Доста е веќе од аматери, се заканија професионалните фризери и козметичарки!
Бараат инспекциски контроли за диво направените фризури и нокти на велешанки.
Професионалните велешки фризери им отворија „војна“ на своите колеги кои работат на диво. Револтирни се што им го земаат лебот. Тие се пожалија на нелојална конкуренција бидејќи се повеќе велешанки ги фризирале аматери. Си работеле дома и правеле фризури за 150 денари, пеглале и фенирале за 100 денари а за бојадисување на косата наплаќале само 50 денари.
„Дома си преадаптирале по една просторија и си работат за половина од цента на услугите што ние ги нудиме. Е кој ќе дојде кај нас кога имаме утврдена цена од 500 до 600 денари за фризура, фенираме и пегламе коса за 300 денари а бојадисуваме со наша боја за 500 или со боја на муштериката за 200 денари. Ниту еден од нив не троши индустриска струја, не плаќа фирмарина, не даваат пари за даноци или придонеси и нормално можат да издржат со дампин цени бидејќи се што ќе сработат си ставаат в џеб“ рече Томислав Тоцинов, професионален фризер.
Последниве години не им било лесно ниту на козметичарите во Велес. И тие се пожалија на нелојална конкуренција. Рекоа дека разбираат оти градот е сиромашен и велешанки сакаат да заштедат но мораат да протестираат против неквалитетните услуги што муштериките ги добиваат.
“ Ние едвај успеваме да излеземе на крај со цените што ги нудиме. За професионална надградба на нокти во салоните наплаќаме 900 а за корекција 400 денари додека колешките работат дома за симболични или половични цени . И со шминката е исто наместо од 600 до 800 денари наплаќаат само 300 денари“ рече Пепита Јосифова Коцевска.
Велешанки мораат да обрнат поголемо внимание на својот изглед бидејќи од далеку се познава професионално уредена коса или извршен маникир и педикир на нокти, советуваше фризерката Јана Благодовска. Таа откри дека имало неколку случаи кога на муштерики им требала медицинска помош по нестручно извршен минивал или бојадисување на коса. Постојат и случаи кога велешанки завршиле во болница поради нестручен маникир на нокти.
„Вратите на нашите салони се отворени и еве ги повикуваме нашите колеги да дојдат и да работат кај нас. Така ќе го испечат занаетот а ние сме расположени да им дадеме добра плата и да им платиме придонеси,“ рече Благодовска.
Во Велес има 30 професионални фризери и козметичари кои отвориле салони и редовно плаќале даноци на државата. Според нив, 40-сетина работат на диво. Професионалците, преку еснафското здружение, поднесоа барање до Управата за јавни приходи да ги гони оние кои им го земаат лебот.
