Опозицијата спречена да стигне на протести во Скопје!
Полицијата им ги заплени автобусите, велешките социјал демократи го блокираа автопатот.
Тензично беше на автопатот Велес – Скопје, утрово околу осум часот. Полицијата со образложение дека автобусите треба да одат на вонреден технички преглед ја запре опозициската СДСМ на излезот од Велес, која одеше на протести пред македонското собрание. Револтирани, активистите поради ова го блокираа автопатот и не пропуштаа возила да минат.
„Имате двоен аршин, ги пуштивте автобусите и автомобилите со ВМРО – ски обележја, а нас не стопиравте без образложение“, им порачаа на полицајците активисти на СДСМ.
Според нив главна вина за хаосот во земјава носат премиерот Груевски и министерката за внатрешни Јанкуловска.
„Оваа власт реагира само на притисоци за жал. Мора да сфатат дека законите мора да важат и за нив. Нека ни ги вратат возилата веднаш ќе го деблокираме патот“, вели Аце Коцевски, кандидат за градоначалник на Велес од СДСМ.
По тоа, со кордон од луѓе кои ја пееја македонската химна ја блокираа делницата по што се создаде неколку километарска колона од автомобили. Се пожалија дека биле нападнати од разгневени возачи. Возачите пак се жалеа на бруталноста на активистите.
„Ми го скина копчето, јас сум Ванчо Трифунов, државен секретар во министерството за економија и денес тргнав на работа, но господата предводени од Аце Коцевски, трескаа по колата, а еден господин овде ми го грабна телефонот и на инсистирање на неговите другари ми го врати“, вели возач.
Порзваниот активист на СДСМ одговори дека не е вистина и дека возачот лажел.
„Катастрофа жива, каква е оваа демократија. Колона има огромна, а има во возилата дечиња и болни“, вели возач.
После повеќе молби од возачи кои оделе во болница активистите пропуштија дел од возилата. Кога пристигнаа автобуси на кои имаше партиски обележја на ВМРО ДПМНЕ настана гужва, а во неколку наврати интервенираше и полицијата. Откако автобусите се вратија од техничкиот преглед, по речиси час и половина, активистите на СДСМ заминаа на протести во Скопје. По ова сообраќајот беше одблокиран.