Велес дава гратис места за лепење на предизборни плакати!
Ликовите на кандидатите за градоначалници ќе се насмевнуваат од многу локации низ градот.
Општината ги утврди локациите каде ќе се лепат предизборните рекламни плакати. Речиси низ целиот град ликовите на политичарите ќе се насмевнуваат од стобовите од уличните светилки и потпорните ѕидови на неколку локации низ градот. Платото пред судот и поранешна НА-МА, паркчето спроти градскиот саат и уште неколку локации ќе служат за поставување на рекламни паноа.
Локалната власт просторот за рекламирање на политичките партии за престојните локални избори го дава гратис. Но, сепак утврдила правила. Тие ќе бидат обележани, за секој кандидат за градоначалник и листа на советници, а јавниот простор ќе биде рамнопрвно распределен. Општината сепак дозволува приватни куќи и станбени згради да се користат за политички маркетинг доколку дозволат станарите или сопственикот на објектот.
Општината забранува плакати близу до гласачките места, нивно лепење на фасади, споменици, обележја, бисти и стебла на дрвјата од централно градско подрачје, а исто така не е дозволено да има плакати на неопределени места. Таа предупредува дека е забрането уништување на туѓите плакати или пак лепење на свои плакати врз други. По завршувањето на изборите партиите се должни во рок од еден месец да ги одлепат рекламите. Ако не ќе следуваат казни, се заканува локалната власт.
Сепак до сега велешани не знаат официјално чии ликови ќе бидат фотографирани. Ниту еден кандидат за градоначалник ниту листа на советници не се доставени до општинската изборна комисија.