Слобода за обвинетите во случајот платено убиство во Ореше!

Објавено на 29 март, 2013 во 18:26

Првиот судски спор во земјава за убиство за пари заврши  во корист на обвинетите,  Ѓоре Петревски и Љубчо и Ордан Ѓорѓиеви се пуштени на слобода.

Еуфорично и со многу емоции ја примија ослободителната пресуда тројцата обвинети за платено убиство во велешкото село Ореше. Обвинетиот дека го нарачал убиството Ѓоре Петревски слушајќи дека му се укинува и притворот  во еден момент дури изгуби свест од радост. Двајцата браќа Ордан и Љубчо Ѓорѓиевски кои беа обвинети дека за пари го убиле Лазо Милошевски пресудата ја дочекаа на слобода, бидејќи законскиот максимум за притвор веќе го одлежаа.

„Конечно после пет години докажување и триесет месеци во притвор го докажавме она што постојано го повторувавме, дека не сме виновни. Не сме ние убијци што и докажавме и верувам  дека правдата може да се истера до крај дури и во нашиот судски систем иако нас тоа бавно ни одесе. Кој ни го направи ова и кој не местеше треба да одговара“, рече Љубчо Ѓорѓиевски, обвинет за убиство.

„Правдата е на виделина, а оној кој го извршил убиството институциите треба да го пронајдат и да го казнат“, рече Ордан Ѓорѓиевски, обвинет за убиство.

Роднините на убиениот не сакаа да ја коментираат пресудата. Таа доаѓа по пет години колку што трае целиот процес. Во два наврата браќата добија по 12 годишна затворска казна но скопскиот апелациски суд ја укинуваше. Во меѓувреме Петревски беше екстрадиран од флорида од каде судот се сомневаше дека ги исплатил парите за убиството. Според адвокатите правдата иако бавна –конечно пристигна.

„Најголемиот пресврт во овој случај се случи со промената на исказот на заштитениот сведок Бреза, кој негираше се што кажа против обвинетите, но исто така од самиот почеток нема ниту еден маеријален доказ ниту сведовштво за делото. За тоа сметам дека пресудата конечно е реална“, рече Коста Нојков, адвокат на Ѓоре Петревски.

„Овој случај од самиот почеток е контроверзен, тешко и бавно ни одеше да ја докажеме невиноста на моите клиенти, но еве конечно вистината исплови на виделина“, рече Ѕвонко Давидовиќ, адвокат на Ѓорѓиевски.

Ова е прво судење за платено убиство во земјава и тоа завршува со ослободителна пресуда. Го следеа низа контроверзи, поврзани со заштитениот сведок, со истекување на информации во јавност за него, со разрешување на првиот судија во случајот и барање за разрешување и на вториот. Сепак на крај остана мистерија кој пред осум години стрелаше и го уби 75 годишниот Лазо Милошевски и зошто./Б.Н.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.