Пожарникари спасуваа велешанки од надојдената Бабуна!

Објавено на 9 април, 2013 во 14:34

Деведесет сантиметри порасна, вчера утро, нивото на водата во реката Бабуна и се излеа од речното корито. Најризично беше во долниот тек на реката кој велешани го користат како излетничко место во лето.

Таму има новоизградени куќи а во една од нив во близина на фудбалското игралиште водата зароби две жени. Оваа случка денеска ја раскажаа пожарникарите кои вчера биле повикани да помогнат. Дел од нив тврдеа дека за првпат виделе толку многу вода во реката, особено во тој дел од течението што оправдано создало страв и паника кај двете жени.

“Интервениравме на повик во кој нашиот сограѓанин Марјан од нас побара да му помогнеме бидејќи нивото на водата го спречило да ја премине реката и да им помогне на сопругата и мајка му. Двете жени останале во куќата а тој дошол на работа во градот. Кога пристигнавме на местото и ние се запрепастивме од глетката. Во реката имаше големо количество на вода а водотекот беше брз. Куќата беше заробена од излеаната вода затоа што како се излеала имаше создадено два крака. Токму на средината беше куќата. Веднаш побаравме помош од кајакрите но, повозрасната жена одби на тој начин да биде префрлена. За да не ја остави свекрвата сама и помладата жена се откажа од нашиот план за спасување. Тогаш не ни остана ништо друго освен да пробаме да ги смириме. Нашето присуство таму и разговорот со жените допринесе тие да се смират па одлучивме да почекаме,“ раскажува денеска командирот на противпожарната единица Љупчо Лепидовски.

Еден час потоа нивото на водата започнало да опаѓа. Тоа било прв сигнал дека ќе се надмине ситуацијата. По два часа, во Бабуна, имало 40 сантиметри помалку вода а кога водотекот се смирил тогаш заедно со потребите од храна во куќата бил префрлен и сопственикот.

„Синоќа повторно ги посетивме, се беше во ред. Семејството беше безбедно бидејќи нивото на водата беше дополнително паднато додека утрово тоа изнесуваше околу 40 сантиметри што значи дека реката може да се премине со чизми на нозете,“ рече Лепидовски.

Состојбата ја следеле и Центарот за управување со кризи,Дирекцијата за заштита и спасување како и вработени во општината./Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.