Партиите не ја знаат причината за трансферот на советничката Стојанова!
СДСМ и го бараат назад мандатот а ВМРО ДПМНЕ смета тоа е нејзино демократско право.
Советничката Рајна Стојанова да го врати мандатот побараа денеска нејзините довчерашни колеги од коалицијата на СДСМ. Сметаат дека е морално и етички да го стори тоа и да не оди спротивно од волјата на велешани кои гласале за коалицијата Сојуз за иднината.
„Со целата должна почит кон вас, вратете го мандатот и балансот на гласовите од изборите. Ако граѓаните решиле Сојузот за иднината на Македонија да има 11 советници во Советот на Општина Велес, така и нека биде. Немојте вашата волја и вашите потреби да ги ставате над волјата и потребите на граѓаните. Тоа е крајно неумесно и неодговорно. Искрено и одговорно ве повикувам уште еднаш добро да размислите. Волјата на велешани е над се. Никој не може и не смее над волјата на народот, ниту една личност, ниту еден политичар, ниту еден закон.Ова не е чудо кое ќе заврши за три дена“, рече Благој Коалров, член на совет од СДСМ.
Од ВМРО ДПМНЕ пак велат дека оваа ситуација е еден од многуте примери во кои функционери заминале од коалицијата на СДСМ и како што велат е уште еден доказ дека се раситнува. Реакцијата од СДСМ ја протолкуваа како суптилна закана кон Стојанова.
„Таквата хаотична состојба е резултат на погрешните политики кои се спроведувани од страна СДСМ и нивниот лидер Бранко Црвенковски, во целиот овој изминат период. Последица на таквите штетни политики е и поддршката на советничката Рајна Стојанова на советничкото мнозинство во Општина Велес. Потсетуваме дека слободното изразување на сите граѓани во Република Македонија е темелна вредност гарантирана со уставот на нашата држава. Според Уставот на сите граѓани во Република Македонија им се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата. Слободата на изразување и здружување претставува една од најсуштинските основи на едно демократско општество и еден од основните услови за неговиот напредок“, рече Мартин Мајсторов, портпарол на ОК ВМРО ДПМНЕ.
И по една недела од конститутивната седница кога се случи трансферот, Рајна Стојанова молчи. Единствено проговори пред полициските инспектори на кои го накодоши нејзиниот поранешен колега Близнаковски дека и се заканувал за што тој заработи кривична пријава. Ниту од СДСМ ниту од ВМРО не успеале да разговараат со неа за причините за нејзината постапка. Инаку со преминувањето на Стојанова во редовите на ВМРО ДПМНЕ партијата го зацврсти своето мнозинсво во велешкиот совет и сега има три советника повеќе од СДСМ. /Б.Н.