Педофилите најголема опасност за безбедноста на децата!
Седумгодишната Марија беше само една од многуте ученици што денеска се дружеа со полицијата во најголемото основно училиште Васил Главинов во Велес. Таа внимателно ги слушаше полицајците, кои во дворот ги донесоа полициските возила и помагала, за да им раскажат примери и случки како децата треба да се заштитат од непознати лица.
„Не треба да ја отворам вратата на непознати лица, додека сум сама дома. Не треба да се качувам во возила кои ги управуваат чичковци кои не ги познавам. Не треба да земам бомбони или мастики бидејки во нив може да има нешто што не е добро за моето здравје,“ рече Марија кога ја запрашавме што таа денеска научи од четириесетминутната едукативна средба со полицијата.
Освен Марија и останатите деца ги запамтија пораките со кои беа советувани. Дознаа зошто Фејзбук е најголема опасност по нивната безбедност.
„Побаравме од децата за секоја порака напишана на социјалната мрежа да ги информираат своите родители. Исто така да им кажуваат кој ги пресретнал на пат од училиште до дома. На нашето подрачје има педофили и децата мора да знаат дека ги демне опасност,“ рече портпаролот на СВР Велес, Ненко Александарски.
Полицијата им подели на учениците едукативна сликовница и фломастери. Во неа е раскажана приказна како децата треба да се заштитат од луѓето што не ги познаваат и кои не им мислат добро. Пораките од сликовницата треба да ги пренесат на своите другари. /Б.Н
