Хаос од времени објекти и кафулиња на главната улица, општината убедува дека инспекторите се на терен!
Последниот случај ги разлути станарите од зградите на улицата „Благој Ѓорев“
Преку ноќ никна подлога за времен објект до зградата со брј 87 се жалат станарите. Викендов додека мајсторите убедувале дека се од јавното комунално претпијатие и работат на уредување на зеленилото, доцна вечерта токму врз него истуриле бетон. Се сомневаат дека се подготвува да се постави времен објект кој ќе се користи за сендичара, а Владо Хаџи Наумов кој живее на првиот кат стравува дека објектот ќе му го покрие прозорецот.
„Јас сум оддалечен околу 50 сантиметри од тој објект што мислат да го поставуваат. По кој закон, по кое правило, по кои мерки е тоа предвидено? Јас кога му кажав на градоначалникот тој се изненади. Ми вели дека не му се верувало, но нека дојде да се увери. И самите гледате колку е оддалечено и дали има некој право да поставува и да го уништува зеленилото“, рече Владо Хаџи Наумов, станар.
Но, веќе неколку години и станарите од соседството се жалат кај општинските власти поради хаосот кој го создадоа сопствениците на кафулиња завземајќи ги тревниците за нивни потреби. Неколку пати реагирале, но до сега ниту една власт не ги казни ниту дислоцира поставените реквизити.
„Има тенди, маси, столици и тоа сите поставени на тревникот и пред влезовите на зградите. Најмногу ни пречи музиката и што ни е попречено движењето. Неколку пати се жалевме, а последното барање го ипративме до општината пред само неку денови“, рече Горан Ончев, станар.
Од локалната власт велат дека се што се случува на главната улица е одраз на индивидуални постапки на газдите на објектите, но не откриваат како конкретно ќе го регулираат хаосот.
„Комуналниот инспектор и другите служби на општината се секојдневно на терен и ќе постапуваат законските норми штитејќи ги интересите на сите вклучени страни. Ќе вложиме максимални напори тревните површини да се доведат во коректна состојба“, рече Мартин Мајсторов, портпарол на Општина Велес.
Пред два месеци сопственикот на стоковната куќа БОС која се наоѓа погоре на главната улициа го имаше истиот проблем со времените објекти, но и покрај реакциите до општината тие сеуште се на истото место. Инаку во закноот повеќе не постои терминот времен објект, а локалните власти се надлежни за отстранување на оние кои преостанале./Б.Н.
