Се скараа газдите на „Црна река“ и „Мачка“ за тоа кој на кого повеќе му пречи во работата!
Спорот кој настана меѓу сопствениците на бензинската и работилницата кои се наоѓаат едно до друго е парцела од неколку квадратни метри, на која можат да се паркираат само две возила.
Сопственикот на авто лимарската работилница „Мачка“, Маријан Гиовски обвинува дека газдата на бензинската и неговата сопруга намерно ги паркирале автомобилите пред влезот на неговиот објект. Бидејќи му пречеле во работата, му го блокирале влезот, а узурпирале и јавен простор ги пријавил во полиција која веднаш им напишала казни за непрописно паркирање. Но, обвинува проблемот е од поодамна и целта е да ме испровоцираат.
„Човекот кој утрово ги паркираше тука возилата ми вели ако сакаш крши ги пали ги мене ми е наредено тука да ги оставам. Јас знам дека тие чекаат да направам инцидент, но јас нема тоа да го сторам, повикав адвокат и ќе си ја терам работата. Пријавив и во полиција. Тие велат јас ним им сметам што сум оставал делови тука, а каде да ги носам кога тие се во мојот двор. Ме пријавија и кај комуналната инспекторка. Јас имам документи, елаборат од кои се гледа дека ова е мој двор“, рече Маријан Гиовски, сопственик на работилница „Мачка“.
Од бензинската “Црна река“ признаваат дека возилата се намерно паркирани, подготвени се да ја платат и казната за непрописно паркирање, но го сториле тоа бидејќи нивниот сосед со постапките што ги правел во изминативе две години веќе како што велат го преминал прагот на толеранција.
„Денеска е достигнат врвот, проблемот е во однос на парцелите, ние имаме проект со кој јасно е пропишано дека тој дел од просторот пред влезот на работилницата е наш. Тој сам си има одбележано по негово некоја коцка земјиште за која си смета дека е негова. Сме пријавиле многу пати дека и тој паркира непрописно и остава шут на места каде што не е дозволено, но тој успева да ги тргне во периодот додека да дојдат инспекторите. Моравме еднаш да го затвориме влезот за да почувствува како ние е нас кога тој го прави истото. Фирмата има елаборат и ги има сите потребни документи од кои се гледа дека тоа е нејзин двор“, рече Сања Петрова, раководител на банзинска станица „Црна Река“.
Сопственикот на работилницата пак вели дека шутот што го остава е во неговиот двор за кој платил легализација додека за паркираните возила околу неговта работилница се на луѓе кои се негови муштерии. Најверојатно на двајцата соседи, проблем им создаваат двата елаборати, направени од две различни геодетски бира, во кои се исцртани парцелите на дворот со кои тие располагаат. /Б.Н
