Започна судењето против докторката која излажа дека му вгради протеза во колк на велешанец!
Обвинетата не се појави на првото рочиште со образложение дека е во тешка депресија, а прави и операција на вилици.
Започна судската разрешница за случајот на Петар Анастасов, велешанецот кој за Дума.мк обелодени дека поминал вистинска голгота лекувајќи се на одделението за торакална хирургија во Клиничкиот центар во Скопје. Денеска во основниот суд Скопје 1 на обвинителна клупа требаше да седне докторката која ја извршила операцијата за вградување на вештачка протеза во колкот на Анастасов, но не ја вградила протезата, а го излажала дека го сторила тоа. Обвинителството после 5 години од бизарниот случај ја товари за сторено Тешко дело против здравјето на луѓето поврзано со несовесно лекување болни. Но, обвинетата не се појави на рочиштето, а нејзината адвокатка истакна дека постојат две причини за тоа. Обвинетата се наоѓа во тешка депресија поради смртта на сопругот кој починал пред два месеци за што приложи и посмртница. Втората причина е што докторката правела операција на вилицата и бидејќи не ќе можела да говори адвокатката побара одложување на почетокот на процесот за во септември. Судијата Марија Клетнички Марковска дозволи одложување, но рочиштето го презакажа за 10 јули годинава.
Инаку Петар Атанасов поради запушување на крвен сад морал да се прави операција на колкот, но и на приватно да си ја купи протезата која докторката требало да ја вгради. После операцијата чувствувал огромни болки, па поради тоа повторно бил на операција, но овој пат во приватната клиника „Филип Втори“. Таму лекарите откриле дека протеза во колкот на Петар не е вградена. Поради ова на денешното рочиште во улога на сведок се појави и докторот Жан Митрев. Инаку Атанасов тврди дека има цврсти докази кои ги предал на обвинителството, а тоа е отпусната листа од болницата во која пишува дека е вградена протеза која е купена од приватна аптека, потоа документ кој потврдува дека Фондот за здравство ги рефундирал парите за протезата, но и видео снимка од операцијата во приватната клиника која јасно покажува дека во неговиот колк нема протеза. За кривичното дело кое се товари докторката казната се движи од една до десет години затвор, а тоа застарува за 20 години од неговото извршување. Инаку приказната за Петар Анастасов беше дел од истражувачката сторија Бизарни случаи во здравствениот систем, поддржана од ЦИН СКУП преку проектот Подигнување на јавната свест за корупцијата преку истражувачкото известување./Б.Н.
