Една девојка и дваесетина момци учеа за спасители!
Викендов на Езерото Младост се одржа обука за идни спасители кои добија меѓународен сертификат за оваа дејност.
Дваесет и едно годишната Елица Радевска е единствената девојка која ја помина тродневната обука за спасители на вода која викендов се одржуваше на Езерото Младост. Таа беше една од дваесетината млади ентузијасти кои изразија желба за тренинг обука која ретко се доржува во земјава. Рамо до рамо со останатите идни спасители Елица ги помина сите вежби.
„Како и сите учесници иако сум девојка, најбитно ми е да се спаси давеникот кој е жртва од езеро или базен. Вежбите кои ги работат момците ги работам и јас, тешко е но може се да се постигне кога се сака и би учествувала и друг пат доколку има ваква обука тука“, рече Елица Радевска.
Исто така напорно беше и за останатите спасители.
„Наше е да продолжиме да тренираме и да се усовршуваме и во иднина. Овие знаења ќе ги применуваме тука на езерото и имаме план да вршиме надгледување постојано на ова езеро и за таа цел да поставиме дежурни екипи“, рече Бојан Ников, спасител.
Обуката се оджа во организација на Здружението за безбедност на вода и планина Македонски спасител и интернационалната спасувачка организација ИСЛА од САД. Истата се користи и во Америка, но овде е пренаменета за спасување на давеници од реки и езера.
„Дојдени се четворица инструктори од Америка, обуката помина во најдобар ред, се одлучивме да ги повикаме на помош бидејќи дојдовме до степен каде видовме дека самите не можеме да се надградиме во нашето знаење“, рече Ангел Пановски.
„Она што им го нудиме на обуката е основно разбирање за ефективните операции, но исто така донесовме и опрема за спасување во вредност над 5.000 долари со која овдешните спасители ќе можат да продолжат да работат, а со самото тоа да го подобрат своето знаење и ефективноста во извршувањето на професионалните спасувачки операции“, Олин Патерсон, ИСЛА.
Американските инстурктори се презадоволни од ентузијазмот и пасијата кај младите спасители во земјава. Велат дека кај нив виделе големо познавање од проблематиката но пред се и желба да се работи како спасител. Тие пак се надеваат дека ова искуство ќе им помогне во понатамошната работа како спасители. Од американската организација се надеваат дека и во иднина ќе одржат уште некоја обука во Велес и Македонија./Б.Н.
