Велешани во сабота ,во Младински парк, ќе можат да им помогнат на сиромашните сограѓани
Со голем хепенинг во сабота, Општинската организација на Црвен крст ќе го одбележи светскиот ден и сто педесет и едно годишнината од постоењето на оваа најголема хуманитарна организација во светот. Под мотото „Мојата приказна во Црвениот крст, волонтерите ќе ги промовираат своите активности, принципи и вредности, со цел граѓаните да се запознаат со нив и што ппомасовно да се вклучат во неа.
„Нашата цел е да укажеме во средината во која делуваме за значењето на Црвениот крст, како и за неговите активности, работата на волонтерите. Но исто така сакаме да привлечеме што повеќе луѓе да се вклучат во организацијата и да учествуваат во хуманитарните акции кои секојдневно ги спроведуваме,“ рече претседателот на Црвен крст на Македонија, д-р Милчо Трајков.
Црвениот крст не е само организација во која се собира храна, облека и крв, туку таа делува пошироко во заедницата.
„Значи нашата мисија е да им покажеме на граѓаните што работиме, како работиме, за да можат тие да ни помогнат а потоа и ние ним да им помогнеме, рече д-р Трајков.
На штандовите во Младински парк во сабота ќе се продаваат разни производи, а собраните средства ќе бидат наменети за здружението на лица со церебрална парализа. Хепенингот започнува во 11 часот.
Инаку светскиот ден на Црвениот крст, 8-ми мај го одбележуваат 189 национални друштва ширум светот./Д.С
